Модерната жена оваа есен и зима е софистицирана, со многу фантазија и со смел пристап кон сè што е ново. Таа не гледа на аксесоарите како на модни парчиња со кои може да го финишира својот изглед, туку ги користи како основа и околу нив го гради својот аутфит.
Благодарение на актуелните трендови кај модните додатоци, секоја претставничка на понежниот пол може лесно, брзо и евтино да влезе во чекор со модата. Еве кои тенденции ќе доминираат сезонава:
Обемни и долги ракавици
Тренди избор: долги ракавици.
Ракавиците се неизоставен моден додаток за оваа сезона. Заборавете на едноставните модели и насочете се кон нешто што ќе ги покаже вашите експериментаторски стилски способности. Обемните и долги ракавици кои достигаат до лактите се непогрешлив избор, без разлика дали се кожени, плетени или од велур.
Максимален впечаток оставаат во комбинација со палто со ¾ ракави или пак со модерна пелерина.
Чанти за во рака
Тренди избор: голема плик-чанта или мала чантичка украсена со многу детали.
На модните ревии за тековната сезона бевме сведоци дека чантите за на рамо не добија одобрување од видните дизајнери. Повеќето чанти манекенките ги носеа в рака.
Плик-чантите веќе не се наменети само за по зајдисонце, па време е да ги одморите рамената. Не се ограничувајте со големината. Интересен актуелен тренд се големите плик-чанти.
Вечерните модни комбинации надополнувајте ги со мала чантичка за во рака, украсена со кристали, разнобојни блескави камчиња или метални детали во рок стил.
Впечатлив накит
Тренди избор: висечки обетки и огромни прстени и ѓердани.
Модерниот накит оваа сезона е екстравагантен, впечатлив и невообичаено голем. Користењето на ваков накит ќе ви овозможи и наједноставната комбинација облека да ја направите уникатна и незаборавна.
Долгите висечки обетки се претвораат во клучно парче накит без кое не треба да останете овие есен и зима. Кога станува збор за прстените, колку се поголеми, толку се помодерни.
Привлечете го вниманието кон вашиот врат со едноставно парче накит кое ќе стои припиено за вратот или пак со повеќеслоен испреплетен ѓердан.
Ретро шапки
Шапката нека послужи како еден вид круна на вашиот целосен изглед. За оваа зима изберете шапка со широка периферија, федора шапка или капа која потсетува на војничкиот стил.
Шапките кои го враќаат на улиците стилот на 70-тите продолжуваат да освојуваат сè повеќе обожаватели, па крајно време е да станете дел од ретро-манијата.
Тенки колани
Истакнете ја вашата женствена фигура со помош на тенок колан. Тој одлично се надополнува со модерните панталони и сукњи со висок струк, а може да се носи и над долги плетени џемпери, туники или палта.
Змиска кожа
Чанти, обувки, каиши, па дури и додатоци за коса во „змиски стил“ ги преплавија модните писти. Кожата на питон се покажа како омилен избор на дизајнерите кои сакаа да донесат егзотика во студените денови.
Змиската кожа обоена во весели бои ќе внесе динамика во вашиот стил, па не им робувајте на неутралните и темните бои.
Колор-блокинг
Трендот наречен колор-блокинг стана толку голем хит што инстантно ги освои следбеничките на модата и продолжува да присуствува во нивните комбинации од глава до пети. На модните ревии, во едиторијалите, на црвениот тепих, насекаде гледаме колор-блокинг во облеката, но и кај модните додатоци.
Детали со вештачко крзно
Ниските температури секогаш се асоцираат со крзното, но во последните две години крзнената опсесија е поголема од кога било. Воопшто не е важно дали ќе изберете чанта, ракавици, обувки или капа со крзно, важно е на себе да имате детали направени од овој мек материјал.
Декорирани и блескави додатоци
Модните додатоци декорирани со проѕирни и обоени камчиња, пулејки или кристали можат лесно да го направат вашиот изглед пософистициран и попрефинет.
Не треба да ги чувате блескавите модни додатоци само за новогодишните празници. Внесете малку гламурозен сјај и во секојдневното облекување, а никако не го прескокнувајте при креирањето на вечерни комбинации.
Зимско бело
Белата боја веќе не е само летен хит. Всушност, оваа зима таа е задолжителен тренд кај модните додатоци. Чистотата на белата боја изгледа особено елегантно во снежните зимски денови.
Судир на текстури
Контрастот во текстурата на модните додатоци е несекојдневен тренд кој лесно може да ја разбие монотонијата на облеката. Кожа – крзно, кадифе – лакирана кожа, змиска кожа – велур... изборот е ваш.
Принт микс
Тренди избор: шарена марама/шал, точкести модни додатоци.
Дизајнерите сè повеќе инкорпорираат различни принтови во своите креации и со тоа го бркаат стравот од шаренилото. Иако стилистите веднаш би препорачале и мешање на различни принтови, реално многу е тешко да се добие хармонична комбинација, па ако не сакате да ризикувате, држете се до една шара.
Точкестите модни додатоци се вистински погодок. Изберете црно-бела комбинација за најлесно да го искористите овој хит тренд.