Почетна » Убавина и мода » Мода » Сукњи и фустани според формата на вашето тело

Сукњи и фустани според формата на вашето тело

Модата е архитектура: сè е во пропорциите.

Коко Шанел

Ретки се оние жени кои се гордеат со совршена фигура. Но, за да изгледате привлечно не мора да имате тело на модел. Потребно е добро да ја совладате уметноста на балансирање на пропорциите и умислено да ги акцентирате оние делови од телото на кои сакате да ви завидуваат, а да ги сокриете деловите кои сакате да ги промените.

Сукњите и фустаните се облека која мажите ја обожаваат и не можете да ги прескокнете во овој период од годината. Дали на плажа, низ град на утринско кафе, за вечерно излегување или пак на некоја свеченост, ако сакате да изгледате женствено – изберете сукња или фустан.

Но, пред да летнете низ продавници, прочитајте какви сукњи и фустани одговараат на вашиот тип на фигура и што треба да избегнувате.

Фигура тип „јаболко

Фигурата „јаболко“ значи дека најголем дел од тежината се наоѓа во средниот дел на телото, околу стомакот и градите. Ако имате фигура тип „јаболко“, најверојатно имате тесни рамена и слаби раце и нозе.

Вашата цел е да направите половината да ви изгледа помала за да можете да ја постигнете посакуваната фигура на песочен часовник, а во исто време да ги истакнете вашите слаби нозе.

Вам ви прилегаат фустани кои паѓаат слободно од градите и се пошироки кај долниот раб. Фустаните без прерамки или со V-изрез на деколтето се наменети токму за вас, за да ги истакнете градите и тенките раце и рамена. Сукњите треба да бидат тесни во областа на половината и да шират надолу, т.е. сукњи со А-линија.

Сукњите и фустаните не треба да слегуваат до под колената, затоа што вашата цел е да ги истакнете слабите нозе. Во идеален случај треба да се долги 2-3 сантиметри над колената.

Одвлечете го погледот нагоре од широкиот струк со помош на изразено деколте, а тргнете го погледот од колковите со помош на убави чевли или сандали со интересни детали.

Избегнувајте мини суќни (затоа што ги акцентираат широките колкови), тесни фустани и сукњи тип „молив“, а стојте понастрана и од прешироки долги фустани.

Сукња и фустан за фигура тип „јаболко“

Фигура тип „круша

Фигурата „круша“ се карактеризира со поголем долен дел на телото. Ако имате ваков тип на фигура, најверојатно имате широки колкови, тесни рамена и мали гради.

Вашата цел е преку облеката да го одвлечете вниманието од колковите и да направите тие да изгледаат помали, а во исто време да го истакнете вашиот голен дел од телото и убавата тенка половина.

Вам ви прилегаат сукњите со А-линија (тесни горе, а широки надолу), затоа што ги кријат широките колкови и воопшто не ги оцртуваат. Раскроените сукњи и фустани се идеални за вашата фигура. Избирајте фустани кои се тесни во областа погоре од половината (под градите), а широки надолу, за да постигнете изглед на песочен часовник.

Најдобро е да се насочите кон еднобојни сукњи во темни бои, коишто ќе ги минимизираат колковите. Идеална должина би била должината до под колената. Комбинирајте ги со светли блузи или кошули, коишто ќе го истакнат вашиот горен дел од телото.

Избегнувајте тесни и кратки сукњи или фустани, агресивни дезени и еластичен материјал (ликра).

Сукња и фустан за фигура тип „круша“

Фигура тип „песочен часовник

Фигурата „песочен часовник“ е најпосакуваната фигура за женско тело. Ако имате ваков тип на фигура, тогаш вашите рамена и колкови се еднакво широки, а имате тесна половина.

Вашата цел е да ги истакнете убавите облини кои ги поседувате, особено тенката половина.

Вам ви прилегаат скоро сите модели на сукњи и фустани коишто ја истакнуваат фигурата на вашето тело. Сукњите тип „молив“ се како создадени за вас. Комбинирајте ги со кошула прибрана во сукњата и со ремен. Вие можете да си дозволите кратки сукњи и фустанчиња за да го привлечете погледот кон нозете. Фустаните со преклоп се уште еден модел кој е создаден за истакнување на убавата половина, па не заборавајте да додадете еден таков фустан во својата гардероба.

Избегнувајте ги широките сукњи и фустани кои започнуваат да шират веднаш под градите, затоа што ги кријат облините со кои треба да се гордеете. Исто така, фустаните со набори во областа на струкот не ви прилегаат, затоа што вија уништуваат фигурата.

Сукња и фустан за фигура тип „песочен часовник“

Фигура тип „правоаголник

Фигурата „правоаголник“ се карактеризира со еднаква ширина на рамената, струкот и колковите. Ако имате ваков тип на фигура, најверојатно имате мали до средни гради.

Вашата цел е визуелно да создадете потенка половина и со тоа да се доближите до фигурата песочен часовник.

Вам ви прилегаат многу различни модели на сукњи и фустани и не ви е тешко да пронајдете идеална облека. Можете да изберете сукња тип молив, со А-линија, раскроена, тип „балон“. Сите тие модели ќе ви донесат поженствена форма. Фустаните со истакнат висок струк се добар избор за вас. Ако имате мали гради, изберете фустани со набори во областа на градите.

Избегнувајте рамни мини сукњи, сукњи со висок струк и преширока облека.

Сукња и фустан за фигура тип „правоаголник“

Фигура тип „обратен триаголник

Фигурата „обратен триаголник“ се карактеризира со поширок горен дел на телото. Ако имате ваков тип на фигура, најверојатно имате широки рамена и/или големи гради, тесни колкови и тенка половина. Често се нарекува и спортски тип. Многу манекенки имаат ваква фигура и најчесто е придружена со убави долги нозе.

Вашата цел е да го одвлечете вниманието од широките рамена и со помош на визуелно зголемување на колковите да добиете побалансирана фигура.

Вам ви прилегаат сукњи и фустани кои се пошироки во областа на колковите. Сукњите тип балон или сукњите со А-линија се идеален избор за вас. Фустаните со тесен корсет кои шират надолу ќе ви дадат женствен изглед. Сите детали на фустанот најдобро е да бидат во долниот дел, а горниот дел да биде едноставен и еднобоен.

Избегнувајте ги сукњите тип молив и тесните фустани/сукњи. Исто така, треба да избегнувате фустани кои имаат набори во областа на рамената или пак други детали кои ќе го привлечат погледот кон широките рамена.

Сукња и фустан за фигура тип „обратен триаголник“

Дополнителни совети

  • Ако сте ниски, носете пократки фустани или сукњи и чевли во „месо“ боја, за да ги издолжите вашите нозе. Доколку носите хулахопки, најдобро е чевлите да бидат во иста боја како и хулахопките.
  • Ако сте високи и имате долги нозе, рамните мини сукњи се одличен избор за вас.
  • Ако имате мали гради, носете сукњи во светли бои и со набори. Комбинирајте ги со еднобојни блузи, за да го одвлечете погледот од градите.
  • Ако имате вишок на стомакот, носете кратки сукњи со понизок струк, за да го одвлечете вниманието кон нозете.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20779 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.