Париската недела на високата мода ја собра светската модна елита во градот на светлината. Скапите креации, кои ги купуваат само 2.000 дами од целиот свет, блескаа на пистите низ романтичната француска метропола.
Погледнете каква е замислата за висока мода на највлијателните креатори.
Версаче
Донатела Версаче ги отвори вратите кон магичниот свет на високата мода за сезоната есен/зима 2013. Креаторката на познатата италијанска модна куќа се наврати на црно-белите фотографии од 30-тите години на Ман Реј и Хорст, со цел да создаде модерна верзија на прецизноста и совршеноста која се крие во тие фотографски дела. „Ја започнав оваа Atelier Versace колекција сонувајќи за совршената естетика на црно-белата ера“ – изјавила Донатела.
Гламурот во креациите во длабока сина, зелена, бордо и црна боја беше изразен преку рачно извезени мониста и блескави камчиња, крзно и крокодилска кожа. Не беа изоставени „медуза“ акцентите кои се вградени во темелите на брендот Версаче. Сексапилот се криеше зад парчиња ткаенина кои изгледаа како раскинати на телата на манекенките и отскриваа деликатни корсети.
Кристијан Диор
Глобална инспирација се наѕира во еклектичката колекција на Раф Симонс. Новиот дизајнер на Диор претстави колоритни креации со дамски силуети, кои го прикажуваат влијанието на различните култури од Европа, Азија, Африка и „Америките“ врз француската модна куќа.
„Време е да ја ослободиме високата мода. Ме нервира тоа што високата мода се гледа како циркуски кловн на модата“ – изјавил Симонс, презентирајќи послободна колекција која жените би сакале да ја носат, и тоа не само за специјални прилики.
Шанел
Модното шоу на Карл Лагерфелд, насловено „The Old World and the New World“, се одржа во вештачки руиниран театар. Но, кога беа тргнати завесите, во позадина блесна футуристички град.
Силниот сјај, кој доаѓаше од пулејки и металик конец вплетен во твидот, како и иридесценцијата, го потенцираа футуристичкото влијание во модернистичката колекција. Слоевитото редење на креациите ја откри играта на Лагерфелд со пропорциите. Забележителен детаљ беше широкиот колан кој го привлекуваше окото кон колковите на манекенките.
Џорџо Армани
Нежен и романтичен спектакл ги одушеви присутните на ревијата на ветеранот Џорџо Армани. Колекцијата „Nude“ ги величи софистицираните нијанси кои се слеваат со кожата, па на моменти тешко е да се забележи каде завршуваат креациите, а каде започнува кожата на манекенките со фризури во стилот на Марлен Дитрих. Единствено црната боја ја „кршеше“ романтичната палета на Армани.
Модното шоу започна со елегантни костуми со здолниште или широки панталони, а заврши со неповторливи лесни фустани со богата текстура.
Ели Сааб
Кралски раскошни фустани, скроени и украсени според успешната формула за елеганција и гламур на Ели Сааб, доминираа на црвената писта во Париз. Луксузни бои кои потсетуваа на рубин, сафир и смарагд и нежни бежови и сиви нијанси ги обоија креациите чија најверојатна следна дестинација е црвениот килим.
Рачно извезените блескави кристали го потенцираа раскошот и софистицираноста на кратки коктел фустани, вечерни тоалети со длабоко V-деколте и асиметричен крој, како и на сјајниот комбинезон со еден ракав.
Жан Пол Готје
Жан Пол Готје ја гледа жената како предатор, фокусирајќи се на животински принтови, меѓу кои најдоминантен е леопардскиот. Но, таа инспирација се однесува само на едната страна на неговата колекција. Другата страна е резервирана за театралната фантазија на Дејвид Боуви.
Бестрашниот дизајнер ја покажа и својата игра со силуетите, претставувајќи фустани и панталони со преголеми џебови кои честопати достигнуваа кловновски размери.
Валентино
Талентираното дуо Марија Грација Киури и Пјер Паоло Пичоли за првпат се фокусираше на дневната облека за да докаже дека високата мода не е само за префинети церемонии и настани. „Веруваме дека високата мода може да биде приватен луксуз – не само за црвениот тепих или специјални прилики“ – изјавиле главните дизајнери на познатата модна куќа.
Вечерните креации кријат доза екстравагантност изразена преку кралски наметки, раскошни барокни декорации, цветни апликации и романтична чипка.