Невестинската модна недела во Њујорк како со магнет ги привлече погледите на сите идни невести. Најискусните креатори на невестински фустани ги покажаа своите нови колекции и ги дефинираа трендовите кај венчаниците за наредната година.
Нека не ве зачудува фактот што колекциите се за сезоната пролет 2013. Дизајнерите на невестински фустани ги презентираат своите идеи една година порано затоа што им е кристално јасно дека жените не ја планираат својата свадба преку ноќ и дека се екстремно претпазливи при изборот на фустан за свадбениот ден.
„Белата“ модна недела донесе на пистите модели за секоја гламурозна невеста – елегантни фустани со „А“ линија за невестите кои сакаат изглед на принцеза, секси фустани со силуета на сирена за оние кои се гордеат со својата фигура, раскошни фустани со многу набори и волумен за оние кои сакаат да остават силен впечаток и црвени фустани за невестите кои не се плашат да бидат поразлични. Да, да, малку невообичаено, но еден од трендовите кои беа поставени се црвените невестински фустани. Се прашувате кој е „виновник“ за тој тренд? Кој друг ако не незаменливата Вера Ванг. Црвениот тренд го поддржа и Оскар де ла Рента, кој исто така претстави венчаници обоени во бојата на љубовта.
Vera Wang
Минатата сезона Ванг ја преплави ревијата со шокантно црни венчаници, а сега – со раскошни фустани во светлоцрвена и боја на црно вино. Колекцијата беше наречена „Mei Meng“ или во превод – „Прекрасен сон“. Како што опиша и самата дизајнерка, колекцијата е романтична, шармантна, кокетна и секси, и е еден вид прославување на љубовта.
Monique Lhuillier
Талентираната Моник Лулие ја оствари фантазијата на секое девојче за идеалниот невестински фустан. Богатата колекција ја сочинуваа фустани како од бајките, украсени со блескави мониста и големи детали главно во форма на панделки.
Oscar de la Renta
Ревијата на Оскар де ла Рента започна и заврши со црвен невестински фустан, а измеѓу беа покажани многу бели и светлосини креации. Драматични и/или романтични, класични или инвентивни... Колекцијата вклучуваше различни модели за секоја невеста да може да го открие својот стил.
Amsale
Колекцијата на Асел Абера вклучува или минималистички креации од едноставни чисти материјали и строги линии или женствени креации со чипка.
Reem Acra
Рим Акра знае да ја интерпретира елеганцијата на начин кој воодушевува и фасцинира. Играта со силуетите таа им ја препушта на лесните материјали, како тул, кои создаваат недефинирани линии. Прочуената креаторка ја опиша својата нова невеста како личност која сака забава и која е многу самоуверена.
Carolina Herrera
Каролина Ерера понуди нови приоди кон структурата и формата на невестинските фустани. Секоја нејзина креација е приказна за себе и нуди нешто ново и многу поразлично од претходната.
Alfred Angelo
Алфред Анџело презентира колекција од класични форми украсени со импресивни детали, како апликации од црна чипка.
Christos
Чипка и извезен тул доминираа во колекцијата на брендот Christos. Невестинските фустани изгледаа нежно, лесно и развеано, токму како што би посакала секоја елегантна невеста.
Badgley Mischka
Дизајнерите Марк и Џејмс повторно не ги разочараа своите фанови и предложија секси и гламурозни венчаници кои поради недостатокот на волумен имаат цел и да ја истакнат женската силуета.