Почетна » Убавина и мода » Мода » Миланската недела на модата

Миланската недела на модата

Миланската недела на модата беше повод за да бидат покажани пред јавноста колекциите за сезоната есен/зима 2010/2011 на едни од најпопуларните и докажани дизајнери. Погледнете ги најновите креации на модните гиганти.

Giorgio Armani – колекција есен/зима 2010

Колекцијата есен/зима на легендарниот Giorgio Armani зрачеше со елеганција. Црната боја доминираше на подиумот. Сите модели носеа црни „капи“ од кадифе, кои од предната страна имаа „шишки“ што паѓаа на нивните лицата. Двата тоалета со кои беше затворено шоуто беа црни, долги и од кадифе, што уште еднаш ја покажа доминантноста на кадифеното црно. Но, тоа не беше сè. Брилијантниот дизајнер понуди и креации со бои на скапоцени камења. Кратки сукњи во боја на смарагд, еко-крзна во црвена и портокалова боја, коктел фустани во црвено и розово. Одлична колекција во која свое место најдоа и кратките широки панталони, широките сукњи, струкираните сакоа, несиметричните фустани на едно рамо.

Emporio Armani – колекција есен/зима 2010

Во колекцијата есен/зима на Emporio Armani преовладуваа црна, сива, бела и манго боја. Женствена и елегантна, колекцијата беше составена од префинета бизнис облека и елегантни вечерни модели, изработени од лесни материјали. Неверојатните креации беа надополнети со шармантни додатоци како големи црни обетки кои наликуваа да две минијатурни грамофонски плочи, широки метални модни додатоци за врат, големи чанти со изглед на крокодилска и змиска кожа и мали чисти елеганти чанти.

Gucci – колекција есен/зима 2010

Марката Gucci беше претставена од колекцијата на креативниот директор Frida Giannini. Во нејзината колекција доминираа црна, капучино и бледо сива боја. Доминираа класични панталони основно со низок струк, фустани без ракави со должина до колена, огромни палта од кашмир, високи тесни чизми и палта од пердуви. Иако најголем дел од приходите на оваа марка се остваруваат од продажбата на чанти, во колекцијата есен/зима не беше ставен акцент на чантите.

Dolce & Gabbana – колекција есен/зима 2010

Во колекцијата на прочуените дизајнери Domenico Dolce и Stefano Gabbana доминираше црната боја, но се истакнуваа и леопардските шарки и шарките во форма на роза. Голем дел од колекцијата беше посветен на кратките црни сакоа, кои беа комбинирани со сукњи акцентирани со тантела. Во текот на претставувањето на колекцијата беше прикажуван и црно бел филм од работилницата на докажаното дизајнерско дуо. Шоуто заврши со дефилирањето на 74 модели во различни црни сакоа, носени врз црна тантела и сатен.

Prada – колекција есен/зима 2010

За претставувањето на својата колекција, дизајнерката Miuccia Prada избра и модели со облини. Колекцијата инспирирана од доцните 50-ти и раните 60-ти години ја одушеви женската публика. Прекрасните креации делуваа ем традиционално, ем женствено, префинето и софистицирано. Идеално оформените фризури од 60-тите совршено се вклопија во целосниот изглед на моделите.

Versace – колекција есен/зима 2010

Блескавите и гламурозни креации на Donatella Versace целосно го грабнаа вниманието на публиката. Тесни кожни панталони и јакни со пердуви, долги фустани со големи шлицови, фустани со отпетлани и запетлани патенти ја сочинуваа колекцијата инспирирана од облеката за возење велосипед. Долгите вечерни тоалети ја акцентира формата на женското тело и оставаа впечаток со светликавите детали.

Roberto Cavalli – колекција есен/зима 2010

Roberto Cavalli ја одбележа 40-годишнината од своето присуство во светот на модата со шоу на кое присуствуваа Кортни Лав и Линдзи Лохан. Неговата колекција, која во никој случај не може да се окарактеризира како едноставна, не ја импресионира толку многу публиката. Сите креации делуваа пренатрупано со многу слоеви облека со животински шарки, изработени од различни материјали. Чизмите со отворени прсти ѝ дадоа и агресивен изглед на колекцијата.

MaxMara – колекција есен/зима 2010

Колекцијата есен/зима на MaxMara беше одличен спој на милитаристички стил и елегантност. Луксузната марка покажа долги палта од кашмир со висока јака, струкирани сакоа и тесни сукњи до колена, ¾ панталони широки кај бутовите, а тесни кај колената и високи чизми. Модните додатоци како крзнени ракавици без прсти и коланите кои го истакнуваа струкот на моделите совршено ја потцртаа елегантноста на колекцијата.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19743 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.