Не е лесно да се дефинира терминот разгалено дете. Некои сметаат дека тоа се децата кои постојано плачат кога ќе видат нешто што го сакаат, други пак ќе кажат дека разгалени се оние кои немаат почит кон повозрасните, а според трети, разгалени се децата кои не ги почитуваат наредбите на своите родители. Ако пак ги запрашате највозрасните членови на семејствата, бабите и дедовците, најверојатно ќе добиете одговор дека во денешно време сите деца се разгалени затоа што имаат најразлични работи кои во минатото се сметале за луксуз.
Никој не сака да има разгалено дете и многу родители навистина даваат сè од себе за да го избегнат тоа. Но, како родител сигурно сакате вашето дете да е среќно и задоволно, па понекогаш е тешко да се одлучи што е правилно во одредена ситуација.
Разгалувањето не е никакво решение затоа што тоа влијае не само на однесувањето на вашето најмило додека е дете, туку и на неговото изградување како личност. Детето кое расте како центар на светот на неговите родители потешко ќе може да развива и одржува пријателства, а подоцна ќе се претвори во возрасна личност која смета дека сите треба да ѝ даваат сè пред нос без да прави ништо за да го заслужи тоа.
Еве неколку совети кои ќе ви потскажат како да го избегнете разгалувањето на вашето дете и да му помогнете да се изгради како личност:
- Поставете правила. Многу е важно на вашето дете јасно да му ја пренесете пораката што му е дозволено, а што не. На почетокот треба да поставите само неколку правила, но тие не треба да подлежат на приговори. На пример: „Нема скокање на креветот“, „Без удирање по другарчињата“, „Мора да ги собереш играчките откако ќе ги расфрлиш“ и сл. На децата им е потребно некој да ги контролира за да развијат самодисциплина.
- Придржувајте се кон правилата: „не“ значи „не“. Одолејте му на вашето дете кога ќе направи сладок израз на лицето и ќе ве моли да добие нешто што вие претходно сте кажале дека нема да го добие. Ако еднаш попуштите на молењето или на плачењето, тогаш вашето дете ќе знае дека ако замоли убаво или ако се расплаче, ќе го добие посакуваното. „Не“ не е штетен збор и не се плашете да го употребувате.
- Не ја поистоветувајте љубовта со среќата. Многу родители сметаат дека ако му дадат на своето дете сè што ќе посака, ќе му покажат колку го сакаат. Но, ако детето не знае да го цени она што му е дадено, родителите всушност не покажале ништо, туку само го навикнале детето да добива сè што сака. Родителската љубов може да биде изразена на многу различни начини кои не вклучуваат купување играчки.
- Создајте систем за награди и научете го да го заработува она што сака да го добие. Вашето дете лесно може да заборави кога се однесувало непристојно, а кога направило добро дело и сте го пофалиле. Но, ако му го претставите тоа визуелно, а плус тоа му дадете и награда за доброто однесување, тогаш ќе му ја зголемите мотивацијата. Земете поголемо парче стиропор и закачете го во неговата соба. Направете или купете мали ѕвездички и за секоја добра постапка доделувајте му по една ѕвездичка. Но, за секое лошо однесување, одземајте му една. Ако вашето дете ви бара нова играчка, кажете му дека ќе ја добие откако ќе заработи Х ѕвездички. Така ќе го научите дека доброто однесување е прифатливо и се наградува, а лошото може само да му наштети.
- Научете го да споделува. Експертите ги опишуваат разгалените деца како егоцентрични, т.е. како деца кои сметаат дека цел свет се врти околу нив. За да го избегнете разгалувањето, треба да го научите вашето дете дека е важно да ги споделува работите со другите околу него. На пример, кога ќе му дојдат гости, да ги споделува играчките со другите деца. Доколку видите дека вашето дете има премногу играчки, разговарајте со него за да издвои неколку и да ги даде на подарок на свои другарчиња или пак да ви ги дозволи да ги донирате во некоја хуманитарна организација. Можеби тоа нема да успее да го сфати концептот на подарувањето, но можете да му објасните дека постојат деца кои воопшто немаат играчки и дека со тоа што ќе издвои една-две од своите играчки за тие деца, ќе ги направи многу посреќни.
- Научете го да биде трпеливо. Децата мора да учат да бидат трпеливи, но тоа и не е многу едноставно. Трпеливоста ќе му покаже на вашето дете дека работите моментално нема да му паднат в раце секогаш кога ќе ги побара. На пример, вие разговарате по телефон со ваша пријателка, а тоа доаѓа и вели „сакам сок“. Ваша задача е да му кажете дека треба да биде трпеливо и да ве почека додека не го завршите разговорот. Ако почека неколку минути, тоа нема да му наштети, туку само ќе му донесе уште една корисна лекција.
- Охрабрете го да ви помага во домашните обврски. Една од најдобрите работи кои можете да ги направите за вашето дете е да го научите да ви помага при извршувањето на домашните обврски. Така тоа ќе има можност да научи дека работите не се случуваат сами од себе, туку дека треба да биде вложен труд. На почетокот нема да ви помага кој знае колку, но тоа не е воопшто важно. Додека ја чистите неговата соба, дајте му крпа за да ги брише играчките или пак дајте му задача да ги нареди сликовниците. Давајте му едноставни задачи и тоа ќе биде посклоно да ви помага како што поминуваат годините.
- Не бидете претерано заштитнички настроени. Не постојат научни факти за разгалувањето и нема единствена дефиниција за разгалено дете. Но, една од дефинициите кои се употребуваат гласи: „Родители кои се презаштитнички настроени и кои даваат сè“. Во дефиницијата не се споменува ништо за самото дете, туку на мета се родителите. Ако сте претерано заштитнички настроени, ќе се обидувате да го заштитите своето дете од сè што може да му наштети. За да не падне, вие ќе одите да му ја донесете играчката. Но, на таков начин вие не му правите услуга. Вашето дете така се навикнува другите да работат за него и за неговите успеси, а во реалниот свет работите се сосема поинакви.
- Поставете правила и за вашите родители. Најчесто бабите и дедовците се личностите кои најмногу ги разгалуваат децата. Ништо нема да постигнете ако вие кажете „нема сладолед“, а подоцна ја видите вашата мајка или свекрва како му го купува на вашето дете најголемиот сладолед што го има во продавницата. Јасно кажете им дека иако нивните постапки се најдобронамерни, вие сакате да ги почитуваат вашите одлуки кога станува збор за воспитувањето. Објаснете им дека нивните постапки всушност му праќаат погрешни сигнали на детето.
- Мислете на иднината на вашето дете. Можеби во моментов не ви изгледа страшно да му купите големо плишено мече за да го сопрете неговото плачење и ќе си речете „Што е едно мече? Не е многу скапо“. Но, како што ќе расте вашето дете, мечето ќе станува сè поскапо и ќе се претвори во скап мобилен телефон или автомобил. Освен што разгалувањето ќе влијае на вашиот паричник, ќе влијае многу негативно и на неговата личност. Вашето дете нема да знае да ги цени работите, нема да биде задоволно од она што го добива и нема да може да се научи само да се бори за работите што ги сака.
Многу полесно е да го разгалите детето отколку да го воспитате да биде приземно. Изберете го потешкиот пат за да израснете задоволно дете спремно да се соочи со вистинскиот свет.