Бремените жени со право се плашат од утринските мачнини, бидејќи константното гадење, повраќање и чувство на слабост им ја одзема енергијата во неделите по дознавањето на радосната вест дека ќе станат мајки. Само малку трудници ги избегнуваат мачнините во првите месеци од бременоста. Всушност, околу три четвртини од бремените жени чувствуваат гадење или повраќаат во првиот триместар.
Интензитетот и времетраењето на утринските мачнини варира од бременост до бременост. Најчесто мачнините се појавуваат за првпат во шестата недела од бременоста, а исчезнуваат кон крајот на првиот и почетокот на вториот триместар. Сепак, некои трудници страдаат од утрински мачнини и во текот на целата бременост.
Многу сегашни и идни мајки ќе се согласат дека користењето на терминот утрински мачнини е погрешен, затоа што мачнините не се појавуваат само наутро, туку може да нападнат во кој било период од денот.
Можеби не постои магичен лек против гадењето, но многу нешта можат да ги ублажат или да ги спречат утринските мачнини. Еве што треба да пробате:
- Каснете 2-3 крекери наутро уште пред вашите стапала да го допрат подот. На ноќното шкафче чувајте солени крекери. За да ја спречите појавата на гадење наутро, изедете неколку крекери веднаш штом ќе ги отворите очите, додека лежите в кревет. Полежете 20-ина минути за тие да започнат да се варат во телото. Тоа ќе го зголеми нивото на шеќер во крвта и ќе ги намали гадењето и вртоглавицата. Крекерите можат да ви помогнат и ако мачнините нападнат во текот на ноќта.
- Станувајте и легнувајте бавно. Можеби ќе се чувствувате како желка, но многу е важно наутро, пред да станете на нозе, да поседите неколку минути на работ од креветот. Наместете си аларм порано од вообичаено за да си дадете доволно време. Многу трудници откриваат дека наглите движења, особено брзото станување од креветот наутро, често им причинуваат утрински мачнини.
- Јадете повеќе помали, наместо три големи оброци. Точно е дека обилните оброци за време на бременоста можат да ве принудат да завршите со главата над веце школката, но и празниот стомак нема да ве поштеди од тоа. За да ја спречите појавата на гадење, многу е важно постојано да имате храна во стомакот. Внесувајте 5-6 мали оброци дневно за да го избегнете прејадувањето, но и гладот.
- Внесувајте ја препорачаната доза течности. Колку подехидриран ви е организмот, толку поголема е веројатноста за појава на утрински мачнини. Вашиот чувствителен стомак не ви дозволува да ја задржите водата која ја пиете? Додајте во неа нешто што ќе ѝ го промени вкусот, како мед или лимон. Некои трудници подобро се чувствуваат кога водата ја пијат многу ладна или кога лижат мраз.
- Не пијте течности додека јадете. Консумирањето на течности е особено важно за трудниците, но пиењето за време на оброк често води до гадење. Пијте течности помеѓу оброците. Најдобро е да внесувате течности половина час пред или по оброкот, но не заедно со него.
- Направете список на миризби кои ви предизвикуваат мачнини и избегнувајте ги. Сигурно сте забележале дека одредени миризби кои порано сте ги обожавале (омилениот парфем, аромата на кафе, омиленото зачинето јадење), сега не можете да ги поднесете. Направете си список со мириси кои ви се одбивни и колку што е можно избегнувајте ги.
- Избегнувајте ги жешките простории. Ако ви студи, подобро облечете џемпер отколку да ја зголемувате собната температура. Жешките простории го поттикнуваат гадењето.
- Минувајте колку што е можно помалку време пред компјутер. Брзото, речиси незабележително трепкање на мониторот може да ги влоши мачнините. Ако забележите дека седењето пред компјутер предизвикува да се чувствувате лошо, избегнувајте ја работата пред мониторот, барем во првиот триместар. Морате да седите пред компјутер? Прилагодете го мониторот така што да не предизвикува напрегање на очите.
- Носете парче лимон со себе и мириснете го кога мачнините ќе нападнат. Многу трудници забележале дека мирисот на лимон им помага да го смират својот стомак.
- Внимавајте со пренаталните витамини. Доколку мачнините започнуваат веднаш по примањето на пренаталните витамини, земајте ги витамините навечер или заедно со мала ужина.
- Пробајте ѓумбир, но само по консултација со гинеколог. Ѓумбирот и чајот од ѓумбир помагаат за намалување на гадењето и спречување на повраќањето. Иако повеќето истражувања покажуваат дека е безбедно да се прима ѓумбир за време на бременоста, најдобро е прво да се консултирате со вашиот гинеколог.
- Носете лабава и удобна облека. Можеби звучи чудно, но тесната облека може да ги влоши симптомите на утринските мачнини. Многу истражувања покажуваат дека заменувањето на тесната облека со удобна и широка ги намалува или целосно елиминира симптомите.
- Јадете ја храната ладна, наместо жешка. Храната има посилна арома кога е жешка, па поверојатно е да предизвика гадење.
- Не консумирајте храна која ви ја влошува состојбата, само затоа што е здрава. Не можете да ги поднесете брокулите? Подобро е да ги прескокнете во првите месеци од бременоста. Подобро да каснете мрсна храна која можете да ја задржите во стомакот, отколку здрава храна која нема да остане во вас подолго од 10-ина минути. Многу бремени жени истакнуваат дека консумирањето на посакуваната храна ги намалува симптомите на гадење.
- Држете го мозокот преокупиран со други активности. Понекогаш, колку повеќе мислите на гадењето, толку тоа станува полошо. Мачнините не се лесни за игнорирање, но ако пронајдете нешто што ќе ви го одвлекува вниманието од нив, можеби ќе можете да се пофалите дека сте пронашле и магичен лек против истите.
- Дајте си го потребниот одмор и најдете начин да се ослободите од стресот. Гадењето значително се влошува ако сте под стрес или чувствувате замор. Кога сте уморни, послушајте го своето тело и колку што е можно почесто одмарајте. Запомнете, она што му е неопходно на вашето бебе е среќна и одморена мајка.