Почетна » Семејство » Брак » Како да ги избегнете расправиите за пари со вашиот сопруг?

Како да ги избегнете расправиите за пари со вашиот сопруг?

Реалноста е дека не живееме во богата држава, па финансиските проблеми се дел од нашето секојдневие и повеќето семејства тешко врзуваат крај со крај. Во една таква ситуација, парите се можеби најчестата причина за недоразбирања, кавги и размена на остри зборови помеѓу сопружниците.

Брачен пар го планира домашниот буџетПарите се меѓу најчестите причини за расправии на брачните парови

За да ги избегнете викањето, погледите исполнети со лутина и неподносливата тишина по бурата, земете ги во предвид следните совети:

  1. Заеднички создајте домашен буџет. Можеби звучи комплицирано, но не е. Водете сметка за вашите приходи и трошоци. Парите не испаруваат како што вас ви изгледа. Менаџирањето на парите ќе ви овозможи да знаете каде „одлетал“ секој ваш денар. Дури и само еден од вас да заработува, многу е важно заедно да го планирате буџетот. Во зависност од вашиот карактер и ситуацијата, буџетот варира. Некои парови ги калкулираат заедничките трошоци, а потоа останатите пари си ги распределуваат како џепарлак. Други пак ги собираат парите на куп за секој да може да „црпи“ од нив колку што му е потребно. Ако имате долг, прво одделете пари за него. Доколку парите никогаш не ви стигнуваат за живот, еден месец запишувајте каде и кога сте го потрошиле буквално секој денар. Користете ја технологијата, денес е полесно да го правите тоа од кога било. Ќе видите дека така и помалку ќе трошите, затоа што ќе размислувате пред секое вадење на пари од паричникот.
  2. Одржувајте неделни состаноци за да разговарате за вашите финансии. Не чекајте да поминат три месеци и да се шокирате од финансиската состојба во која се наоѓате. Поради преголема зафатеност или незаинтересираност може да не дознаете дека банкарската сметка ви е празна, продолжувајќи со поопуштен живот, па да заглавите во уште поголема финансиска каша. Секоја недела седнувајте со вашиот сопруг и подискутирајте како стоите со парите. Така ќе успеете навремено да реагирате и да започнете да штедите кога е неопходно.
  3. Не се обвинувајте еден со друг. Најлошото нешто што можете да го направите е взаемно да се обвинувате за финансиските проблеми. Префрлањето на вината кон вашиот партнер само ќе го стави во дефанзива или уште полошо ќе му даде поттик тој да ве нападне, па ќе се најдете во деструктивен циклус. Тоа само ќе ве оддалечи од решавањето на проблемите. Наместо да барате виновник, започнете да барате решение и начини за кратење на трошоците.
  4. Зборувајте во множина. Прескокнете ги речениците „Мојата плата...“, „... кога јас ги плаќам сметките“, „Ти си купи...“. Кога сте во брак, вие сте на иста страна. И вие и вашиот сопруг сакате финансиска стабилност, па не се обидувајте со такви реченици да создавате спротивставени тимови. И приходите и расходите ви се заеднички, па користете множина наместо да зборувате во еднина.
  5. Никогаш не разговарајте за пари пред вашите деца. Избирајте го тајмингот и местото за водење на разговори за пари. На пример, додека вашите деца спијат, додека се на училиште или додека се излезени со пријатели. Треба да сте во релаксираната атмосфера додека зборувате за пари, односно да не сте принудени да се воздржувате и да премолчувате одредени работи заради децата. Премолчувањето на проблемите нема да доведе до нивно решавање. Освен тоа, ако за време на разговорот се вжешти атмосферата, децата нема да бидат сведок на расправија.
  6. Кога ќе се вжешти атмосферата, кажете си „тајмаут“. Нервозата и тензијата само ќе ги засилат вашите недоразбирања. Кога ќе започнете да чувствувате напнатост, направете пауза и продолжете го разговорот откако ќе се смирите.
  7. Ако имате долг, подмирете го што побрзо. Колку и да не сакате да признаете, долгот е голем товар кој подмолно ќе го вгнезди стресот во вашиот живот. А кога сте под стрес, најверојатно ќе ги истурите напнатоста и фрустрациите врз партнерот. Должите пари? Направете сè што е во ваша моќ за да ги вратите што поскоро, дури и тоа да значи дека треба да се откажете од малите задоволства во животот и да штедите максимално. Никогаш не одложувајте и не чекајте подобри времиња за да ги подмирите долговите.
  8. Поставувајте си заеднички цели. Кажете си: „Ова лето ќе одиме на одморот од соништата“ или „До наредната година ќе си купиме нов автомобил“. Поставувањето на такви цели ќе ви помогне да бидете помотивирани да го планирате буџетот. Освен тоа, ќе чувствувате поголема обврска да се придржувате кон плановите за штедење и ќе го редуцирате неконтролираното трошење. Ако немате таква голема цел, најверојатно и малкуте пари што сте ги заштедиле ќе „летнат“ од вашите џебови без вие да осетите.
  9. Оставете простор за грешки. Планирањето на буџетот и плановите за штедење се одлични алатки за менаџирање на вашите пари, но не очекувајте дека сè ќе биде совршено. Секогаш излегуваат непредвидени трошоци, па треба да бидете малку пофлексибилни. Ако вашиот сопруг непланирано купил нешто додека сте во процес на штедење, не го напаѓајте веднаш. Потсетете го на заедничките планови и двајцата сложно обидете се да ја „закопате“ дупката во буџетот што тој ја направил. Повремените грешки се нормални и треба да очекувате дека ќе ги има и од негова, но и од ваша страна.
  10. Договорете се секогаш да се консултирате пред купување на нешто поголемо. За купувањето на нов кармин или на нова вратоврска не мора да се консултирате меѓусебно, иако некои парови одат и во таа крајност. Но, ветете си дека ќе се консултирате еден со друг за секое купување кое надминува одредена сума (на пример, 1000 денари). Така нема да има неочекувани непријатни изненадувања кои ќе раѓаат расправии.
  11. И најважно... бидете искрени. Истражувањата покажуваат дека луѓето во брак сè почесто прават финансиско неверство, т.е. прикриваат трошоци, лажат за својата плата, прават тајни долгови и сл. Не си дозволувајте да го изневерите вашиот сопруг на ваков начин, затоа што по разоткривањето кавгата е неизбежна, а веројатно ќе ја изгубите и неговата доверба.

Навистина е тешко да ги избегнете расправиите кога се борите да преживеете. Но, силната врска, взаемната поддршка и отворената комуникација во секој случај ќе ви бидат од поголема полза отколку бескорисните кавги и препукувања.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.