Почетна » Семејство » Брак » 7 работи што не треба да ги правите ако сакате хармоничен брак

7 работи што не треба да ги правите ако сакате хармоничен брак

Среќниот хармоничен брак се гради врз доверба, добра комуникација и интимна поврзаност меѓу сопружниците. Партнерите треба да се сакаат, да се забавуваат и ниту во еден момент да не ја ставаат врската на дното на листата со приоритети.

Маж и женаТишината е разорно оружје кое не треба да го користите во бракот

Еве дел од работите кои не треба да ги правите, затоа што можат да го уништат вашиот брак:

  1. Не ја користете тишината како оружје. Изнервирани сте, држите огромна лутина во себе и има толку многу нешта што сакате да му ги кажете. Но, вие избирате да премолчите и да го казните со тишина. Тишината е смртоносно оружје кога сте во битка со сопругот. Таа е манипулативна и има за цел да му потскаже дека тој е виновникот и дека нема да му простите додека не се извини. Сепак, многу подобро е да влезете во вербален двобој и да си кажете еден на друг сè што ви лежи на душа, отколку да молчите и во главата постојано да си повторувате што сè ве нервира кај него и со тоа да го „храните“ презирот што го чувствувате кон него.
  2. Не барајте надворешни сојузници. Имате мала расправија и наместо да останете да го решите проблемот, вие веднаш трчате кај неговата мајка или кај вашата сестра за поддршка. Не барајте сојузник надвор од бракот. Сигурно вашиот сопруг нема да биде воодушевен кога неговата мајка ќе започне да му држи лекции како да се однесува. Брачните проблеми со кои се соочувате се ваши и најчесто треба да останат само меѓу вас.
  3. Никогаш не му се заканувајте. И во совршениот брак лесно може да дојде до жестока расправија. Но, никогаш не треба да користите закани како „Ако не го промениш ова кај себе, ќе те напуштам“. Никогаш не се заканувајте со тоа дека ќе се разведете од него.
  4. Не го шпионирајте. Претчувствувате дека крие нешто од вас и веднаш го фаќате неговиот мобилен за да му ги проверите повиците или се обидувате да ја погодите лозинката на неговиот e-mail. Тоа е голема грешка. Шпионирањето ја убива довербата во бракот. Ако секогаш кога тој се однесува малку посомнително вие започнувате со сомнежи дека ве изневерува или крие нешто сериозно од вас, тоа значи дека немате доверба во него. Шпионирањето донекаде е оправдано кога навистина постои објективна причина да се сомневате. Во таков случај, разговарајте со блиска доверлива пријателка која ќе ви помогне да размислувате потрезвено.
  5. Не претерувајте со критиките. Добро е да му укажете дека не знае да ја комбинира облеката, но ако нон-стоп му трубите „Ах, не знаеш да се облекуваш“, тоа не влегува во категоријата добронамерни критики. Добро е да му потскажете дека треба да намали со плескавиците ако сака здраво срце, но сигурно нема да биде среќен да чуе: „Прекини да јадеш само мрсно, си се направил како свиња“.
  6. Не му се жалете постојано. „Куќава е премногу тесна, понекогаш ме фаќа клаустрофобија“, „На работа колешките не си ја затвораат устата“, „Повторно сум се здебелила“, „Многу сакав и оваа година да одиме на одмор, ама животот е неправеден“ (замислете си ја Хајрие од „Кога лисјата паѓаат“ и ќе ви стане јасно точно што не треба да правите, т.е. како не треба константно да „туфкате“). Наместо да ширите позитивна енергија, вие со жалбите можете да ја убиете и позитивната енергија на вашиот сопруг. Нормално е да му се жалите на партнерот, сепак тој е тука до вас и во добро и во лошо, но треба да знаете кога е доста.
  7. Не го споредувајте со некој кој е поуспешен. Доколку го споредувате вашиот сопруг со некој друг, вие му ја рушите самодовербата. Не треба да се служите со реченици од типот: „Да завршеше факултет, сега ќе земаше иста плата како Петар“, „Да не се плашеше да инвестираш, сега ќе беше богат како Никола“. Со таквите искази вие силно ќе го повредите. Замислете како би се почувствувале вие ако тој ви рече: „Да вежбаше повеќе, сега ќе изгледаше како Марија“. Споредувањето само може да го оддалечи од вас и да побуди негативни емоции.

Ниту еден брак не е совршен. Во одреден период од животот сите парови наидуваат на проблеми. Успешен и хармоничен брак можат да имаат само оние кои избираат да ја направат својата врска приоритет во животот и кои се подготвени да вложуваат напори да ја одржуваат среќата и љубовта во таа врска.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20903 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.