Анџелина Џоли и Бред Пит се заколнаа на вечна љубов пред своите шест деца и околу дваесетина блиски гости. Нивната венчавка го обиколи светот и многумина посакаа да ѕирнат како се одвивала интимната церемонија.
Од фотографиите од венчавката станува јасно дека на Џоли и Пит им било најважно нивните деца да бидат вклучени во значајната свеченост која се одржа во замокот Миравал, Франција. „Сакав децата да бидат дел од сѐ, вклучувајќи го и фустанот, затоа што тоа е нашето семејство... Тие се наши најдобри пријатели и луѓето кои ни се најблиски“ – изјавила Џоли.
38-годишната актерка зачекори кон олтарот заедно со своите највозрасни деца – Медокс и Пакс. Среќната невеста носеше фустан од модната куќа Версаче. Белата венчаница е уникатна и ја отсликува креативноста на децата на Џоли и Пит. Имено, кројачот Луиџи Маси рачно ги декорирал венчаницата и велот со цртежи од рацете на Медокс, Пакс, Захара, Вивиен, Шајло и Нокс.
Додека Џоли чекорела кон својот избраник, пред неа се движеле Захара и Вивиен кои фрлале по патеката цветови собрани од семејната градина. Шајло и Нокс биле задолжени за бурмите.
„Беше многу важно за нас тој ден да биде релаксиран и исполнет со смеа“ – изјавиле младенците.
Шесте деца не можеле да ги сокријат своите насмевки кога нивните родители за првпат се бакнаа како сопруг и сопруга.
Свадбената торта била направена со љубов од нивниот син Пакс.
На венчавката присуствувале родителите на Пит, Џејн и Вилијам, кои со широки насмевки позирале со слатките внуци.
Џоли и Пит моментално се во Малта, каде го снимаат својот втор заеднички филм „By the Sea“.