Џенифер Лопез ја краси насловната страница на августовското издание на списанието „W“. 43-годишната пејачка и актерка позира во креација на Гучи. Иако долги години Џеј Ло има лешникова боја на косата, на фотографијата можеме да ја видиме со црна коса.

За време на интервјуто, Џенифер го посетила родниот Бронкс и признала дека била малку нервозна што е во близина на куќата во која го минала детството. „Не сакам да влезам внатре. Последниот пат кога бев внатре беше кога мајка ми и татко ми нè повикаа да ни кажат дека се разделуваат по 33 години брачен живот. Мислам дека затоа бев нервозна што се враќам тука денес. Тоа е исто како да видиш некој од минатото – се плашиш да не налеташ на него, затоа што никогаш не можеш да знаеш дали ќе биде wow или многу тешко. Ова е комбинација од двете“ – признала таа.
Лопез го напуштила домот на 18 години, кога сакала да работи како танчарка. „Со мајка ми се расправавме. Не сакав да одам на колеџ – сакав да се обидам да работам како танчарка. Со неа се разделивме. Започнав да спијам на софа во студиото за танцување. Бев бездомник, но ѝ реков: Ова сакам да го правам. Неколку месеци подоцна си најдов работа во Европа“ – раскажала Лопез.

Сексапилната пејачка открила и дека сака да ги научи своите деца да работат напорно. „Размислувам многу за тоа да ги учам моите деца да работат напорно. Научив нешто за децата – тие не го прават она што им го велиш, туку го прават она што ти го правиш. Јас ги гледав моите родители. Отсекогаш чувствував дека не смеам да ги разочарам“.