Стинг и неговата сопруга Труди ја покажаа својата страст и љубов во фотосесија за февруарското издание на списанието Harper's Bazaar.
59-годишниот пејач и неговата 57-годишна сопруга во интервјуто откриле дека сè уште се заљубени еден во друг и дека никогаш не дозволиле да згасне искрата во нивната долгогодишна врска.
Стинг и Труди се заедно скоро 30 години, а во брак 18 години, и признаваат дека до денес ја одржуваат страста со експериментирање.
„Кога ќе се сретнеме, тоа е романса. Ја сакам театралната страна на сексот. Сакам да изгледам добро. Сакам таа да се дотерува“ – изјавил познатиот пејач.
Во интервјуто Стинг споменал и дека никогаш не го зема здраво за готово фактот што ја има Труди.
„Многу е важно да имате отворени дискусии за тоа што сака другиот“ – дополнила Труди и ја истакнала важноста на отворената комуникација за опстојувањето на нивната врска.
Среќниот брачен пар кој има шест деца изјавил и дека тоа што поминуваат многу време разделени не им смета, туку напротив, им годи.
„Не ни станува досадно. Тоа што сме разделени ни ја зачинува врската“ – изјавила Труди.
Иако и двајцата се наближуваат кон седмата деценија од животот, тие се во топ форма и тоа многу добро се гледа од фотографиите. Нивниот изглед најмногу се должи на практикувањето јога.