Целиот свет го следи патувањето на Трамп во Саудиска Арабија. Додека се дискутираат договорите вредни милијарди долари, големо внимание привлекуваат и најважните дами во животот на Доналд Трамп.
На првата меѓународна турнеја, новиот претседателот на САД беше придружуван од сопругата Меланија, но и повеќе советници, меѓу кои и неговата ќерка Иванка и неговиот зет Џаред.
Како што и се очекуваше, Меланија и Иванка се придржуваа до конзервативната облека, но не носеа марами на главата.
47-годишната прва дама носеше црн комбинезон од Стела Мекартни, но мошне воочлив детаљ во нејзиниот стајлинг беше златниот колан од Сен Лоран. Целосниот изглед Меланија го комплетираше со чевли од Кристијан Лобутин.
Фактот што Меланија и Иванка не си ги покрија главите со марами поттикна нов бран критики кон Доналд Трамп, бидејќи пред две години тој ја нападна Мишел Обама за истата постапка.
Кога поранешната прва дама на САД пристигна во Саудиска Арабија без марама на главата, Доналд напиша на Twitter: „Многу луѓе велат дека е прекрасно тоа што г-ѓа Обама одби да носи марама во Саудиска Арабија, но тие беа навредени. Веќе имаме доволно непријатели.“
Според правилата во Саудиска Арабија, жените од странство не се задолжени да ја прекриваат главата, ниту пак да носат абаја.
Пред заминувањето, парот беше фотографиран на тревникот пред Белата куќа. Меланија носеше блуза од Max Mara, здолниште од Hervé Pierre и обувки со потпис на Manolo Blahnik.
Иванка носеше цветен фустан и пред тргнувањето од Вашингтон и за време на пречекот во Саудиска Арабија.