Лили Ален не може да биде посреќна. 26-годишната пејачка вчера му го кажа судбоносното „Да“ на својот партнер Сем Купер, кој пак не можеше да ја сокрие својата радост и им откри на присутните дека неговата сопруга е бремена во четврти месец.
„Тоа беше многу, многу трогателно и како шлагот на тортата. Денот во секој случај ќе беше прекрасен, но кога Сем кажа дека Лили е бремена, немаше суво око кај присутните. Имаше само солзи радосници за Лили и Сем“ – изјавил еден од гостите.
Веста за бременоста особено ги трогна присутните, бидејќи неодамна Лили доживеа спонтан абортус, кога за малку и таа не го изгуби животот. Минатиот ноември Лили го изгуби своето долгоочекувано дете од Сем во шестиот месец од бременоста. Тоа беше втор спонтан абортус за Лили, која во 2008 година во четвртиот месец од бременоста го изгуби бебето што го очекуваше со нејзиното тогашно момче, Ед Симонс од The Chemical Brothers.
На свадбената церемонија, пред помалку од 100 гости, Лили со широка насмевка на лицето го покажа малото стомаче кое ѕиркаше под нејзината винтиџ венчаница со чипка, дизајнирана од креаторката Делфин Мениве.
32-годишниот Купер ја побара раката на Лили на романтично патување за време на божиќните празници.
Лили и Сем се заедно од јули 2009 година и таа честопати го има опишувано својот сопруг со зборовите „љубовта на мојот живот“.