Монако доби нова принцеза. Шарлин Витсток се омажи за принц Алберт II на интимна церемонија во петокот и со тоа започна тридневната прослава во Монако.
33-годишната русокоса олимписка пливачка ја наследи Грејс Кели, холивудската убавица којашто му беше сопруга на таткото на принцот Алберт, принцот Раинер III.
„Се чувствувам добро. Ова е убав ден. Целата држава е многу возбудена“ – изјавила Шарлин за Вог пред да склучи граѓански брак со принцот Алберт Втори.
Прекрасната принцеза носеше небесно сина креација од Шанел, за чие дизајнирање помогнала и самата таа.
„Фустанот е соработка помеѓу мене и Карл Лагерфелд. Сакавме нешто што ќе одговара на бојата на моите очи. Тоа е моја креација и се гордеам со неа. Женствена е, ја одржува традицијата, а сепак го одразува мојот личен стил. Мислам дека е добра промена што избрав панталони наместо сукња, особено затоа што сум спортистка и отсекогаш сум сакала чиста и едноставна облека“ – објаснила таа.
Погледнете го склучувањето на бракот:
Кралската свадба во Монако неколку недели беше главна тема на странските медиуми, но главно поради негативните гласини кои се раширија за наводниот обид за бегство на принцезата. Неколку дена пред свадбата, странските медиуми пишуваа дека Шарлин била забележана на аеродром и се обидувала да ја напушти земјата. Но, во тоа била спречена и дури ѝ бил одземен пасошот за принцот да се осигура дека свадбата ќе се одржи.
Според информациите, причината за бегството на Шарлин било појавувањето на трето вонбрачно дете на принцот Алберт. 53-годишниот Алберт, кој е поврзуван со многу светски познати убавици, досега има признато две вонбрачни деца од претходни врски. Но, во текот на деновите пред свадбата уште една жена објави дека има дете со Алберт.
Колку се точни гласините за бегството не се знае, но Шарлин ги демантираше.
„Штета што тие гласини излегоа во толку лошо време, но мислам дека тие се тајмирани за да го саботираат овој среќен настан. Тие се категорични лаги. Нема да ги удостојам со друг одговор, освен што ќе кажам дека фотографиите од мене и Алберт на кои заљубено стапуваме во брак ќе зборуваат погласно од било кое злонамерно озборување и празни гласини“ – објаснила таа.
Еден ден по граѓанската венчавка, светот одблиску ја проследи црковната венчавка на принцезата Шарлин и принцот Алберт. Шарлин изгледаше совршено во бела долга венчаница дизајнирана од Џорџо Армани.
За изработка на невестинскиот фустан биле потребни 2500 часа, а за убавата венчаница биле неопходни 130 метра различни типови свила, 40 000 сваровски кристали, 30 000 камења во златни нијанси и 20 000 бисерa.
Иако недостигаше искрена насмевка на нејзиното лице, поради што е нарекувана и тажната невеста, Шарлин покажа многу класа, стил и елеганција. На крајот од религиозната церемонија таа не успеа да се воздржи и пушти неколку солзи. Дали тоа беа солзи радосници, солзи од олеснување што сè заврши или солзи од тага, проценете вие.
Погледнете дел од атмосферата во црквата:
На големата свадба присуствуваа многу принцови и принцези, бизнисмени и славни лица од светот на шоу-бизнисот. Кралската свадба во Монако ја проследија Карл Лагерфелд, Џорџо Армани, Роберто Кавали со неговата сопруга, Никола Саркози без Карла Бруни, Наоми Кембел и Каролина Куркова.
По религиозната церемонија, прославата продолжи на бал за 450 селектирани гости. На вечерната прослава Шарлин носеше бел блескав фустан на Армани, кој уште еднаш ја истакна нејзината елегантна фигура.
Погледнете ја вечерната венчаница на Шарлин и првиот свадбен танц:
Шарлин и Алберт се запознале во 2000 година.