Бритни во моментов е една од најбараните ѕвезди и секое списание се бори да ја донесе на насловната страна. Хитот „Hold It Against Me“ ја врати на врвот на музичките топ листи, а нејзините љубопитни обожаватели секој ден очекуваат нешто ново од неа.
Американското списание „V“ успеа да направи фотосесија со 29-годишната пејачка и да поразговара за новиот албум, славата и како таа влијае на нејзиниот живот.
Еве дел од интервјуто, како и фотографиите направени од познатиот фотограф Марио Тестино.
V: Кога беше дете, како си ја замислуваше славата?
БС: Не мислам дека размислував за славата кога бев дете. Знаев дека сакам да настапувам и знаев дека сакам да сум на сцената, но мислам дека никогаш не сум размислувала за славата или за она што го носи таа.
V: Дали сметаш дека ти беше судено да станеш ѕвезда?
БС: Ако не ми било, тогаш Бог дефинитивно има чудна смисла за хумор.
V: Дали следиш астрологија?
БС: Малку. Сакам да верувам дека има малку магија во светот, но исто така верувам дека ние сами си го избираме нашиот пат.
V: Кога за прв пат сфати дека си славна?
БС: Славна сум?
V: Дефинирај што е според тебе фатална жена.
БС: Жена која е секси и силна, опасна и мистериозна, кул и самоуверена.
V: Која е твојата омилена песна од новиот албум и зошто?
БС: Навистина ја сакам „On the Rocks“ затоа што е многу поразлична од сè што имам слушнато досега.
V: Сите ја знаат Бритни поп-ѕвездата. Кои се некои твои таленти и интереси што може да ги изненадат луѓето?
БС: Сакам да готвам, особено за моите деца. Исто така, правам одличен јужен сладок чај според рецепт што мајка ми ми го има кажано. Навистина е добар. Го обожавам. Постојано им го правам на моите момчиња.
V: И покрај твоите успеси и падови во минатото, секогаш успеваш да се искачиш на врвот. Која е твојата тајна на успехот?
БС: Научив секогаш да си останам верна на себе и никогаш да не дозволам она што го зборуваат другите луѓе да ме промени. Тоа е многу важна лекција за која ми беше потребно многу време да ја научам.
V: Што те прави среќна?
БС: Моите деца.
V: Што те прави тажна?
БС: Кога луѓето се злобни едни кон други.
V: Ако утре го оставиш сето ова, што би правела? Што ќе ти недостига најмногу? А што најмалку?
БС: Би била мајка со полно работно време и сметам дека тоа би било кул. Најмногу ќе ми недостигаат моите обожаватели и целата љубов од нив, но дефинитивно нема да ми недостига да ме фотографираат насекаде каде што ќе одам.
V: Што сметаш дека ќе оставиш зад себе како наследство?
БС: Две прекрасни момчиња и многу музика која се надевам дека им носи многу среќа на многу луѓе.