Блејк Лајвли се врати пред очите на јавноста речиси два месеца по породувањето. 27-годишната актерка беше специјална гостинка на ревијата на Габриела Кадена, одржана во рамките на Њујоршката модна недела.
Избирајќи тесна креација од ателјето на Кадена, Лајвли покажа дека не ѝ беше потребно многу време за да се врати во форма по раѓањето на првата ќерка. Црно-белиот фустан кој визуелно ја стеснува половината, Блејк го искомбинира со бели обувки од Кристијан Лобутин.
Лајвли позираше зад сцената на модното шоу со својата мајка Илејн и со дизајнерката Кадена.
Блејк и Рајан Рејнолдс станаа родители пред крајот на минатата година, но сè уште немаат откриено како се вика малото девојче. Според последните информации до кои дојдоа странските медиуми, бебето наводно го добило името Џејмс.
Наскоро Блејк ќе започне активно да го промовира својот најнов филм „The Age of Adaline“.