Бијонсе во минатото беше вистинска кралица на гламурот – блескавите и уникатни фустани ѝ го негуваа имиџот „дива“. Но, во последниве месеци 31-годишната ѕвезда не пропушта можност да експериментира со посмели и пооткачени модни комбинации, можеби инспирирајќи се од плакарот на својата сестра Соланж.
Откако Бијонсе се вклучи на Instagram, сè почесто го споделува својот моден избор со своите верни фанови, па некои веќе ја нарекуваат модна блогерка.
Еклектичките фотографии на Бијонсе покажуваат многу дизајнерски парчиња како шарен фустан од Мери Катранзу, колоритна блуза од Филип Лим, венче од Мејсон Мичел и балетанки од Шарлот Олимпија.
Новата љубов на Бијонсе кон принтовите и нивното комбинирање може да е поттикната од Соланж, која е позната по бестрашниот стил и според „Вог“ е една од најдобро облечените дами за 2012.
Гламурозен или стрит стајл изглед – не е важно. Бијонсе умее да ја носи секоја комбинација.