Почетна » Новости » Шоу-бизнис » Столе Попов ја прими наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на „Браќа Манаки“ во Битола

Столе Попов ја прими наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на „Браќа Манаки“ во Битола

За време на церемонијата со која беше одбележано 41-вото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, беа доделени две награди – Голема ѕвезда на македонскиот филм и Златна камера 300 за животен опус.

На Столе Попов му беше врачена наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ од страна на претседателот на Друштвото на филмските работници Игор Иванов-Изи. Сјајната ѕвезда беше изработена од „Божиновски часовници и накит“.

Столе Попов Столе Попов Столе Попов Столе Попов Столе Попов

„Прво би сакал најискрено да ви се заблагодарам на присуството и на големата чест и внимание што ми го посветувате, посебно му благодарам на Изи за убавите зборови. Со годините, како човек старее, така наградите му значат и така и така сè помалку и помалку, меѓутоа има награди према коишто не може да биде индиферентен. Фестивалите и наградите коишто сум ги добивал доста и многу, секојпат може на некој начин да се релативизираат. Меѓутоа има два типа на награди на кои човек не може да биде индиферентен и навистина ги прима со голема радост, а тоа секојпат се наградите од публиката и наградите од колегите. Мене навистина ми е чест и задоволство што оваа награда доаѓа од моите колеги, од луѓе со коишто јас сум ги работел филмовите, од моите соработници. Низ годините тоа било голем број на луѓе“ – рече Попов, кој на крајот на говорот го искажа и својот став за промената на името на нашата држава.

Столе Попов Столе Попов Столе Попов Столе Попов Столе Попов

Говорот на Столе Попов

Роден е во Скопје, 20.8.1950 година. Попов во 1973 год. дипломира режија на Факултетот за драмски уметности во Белград, во класата на режисерот Радош Новаковиќ. Како студент има снимено 10 краткометражни филмови. Од 1974-1978 год. работи како слободен филмски работник, а од 1978-1988 год. работи како режисер во „Вардар филм“, каде што од 1985-1986 год. е директор. Од 1989 год. работи како професор по филмска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Тој е еден од основачите на продуцентската куќа „Триангл“, а во 1999 год. станува член на Европската филмска академија.

ФИЛМОГРАФИЈА

Филмската кариера ја започнува со краткиот документарен филм ОГАН (FIRE, 1974), со кој освојува прва награда на Фестивалот на документарен и краткометражен филм во Белград (популарно наречен Мартовски фестивал) во 1974 год. Продолжува со креирање документарни филмови: долгометражниот АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА (AUSTRALIA, AUSTRALIA, 1976) и краткометражниот ДАЕ (DAE, 1979) се документарци за коишто, исто така, е награден на Мартовскиот фестивал во Белград, а за ДАЕ и на фестивалите во Оберхаузен, Мелбурн и други. Со ДАЕ влегува во историјата на македонската кинематографија како прв филм номиниран за „Оскар“.

Од 1981 год., Попов снима играни филмови и досега има реализирано пет долгометражни наслови кои постигнале врвни успеси на голем број меѓународни фестивали во светот. Тоа се ЦРВЕНИОТ КОЊ (THE RED HORSE, 1981), СРЕЌНА НОВА ’49 (HAPPY NEW ’49, 1986), ТЕТОВИРАЊЕ (TATTOO, 1991), ЏИПСИ МЕЏИК (GYPSY MAGIC, 1997) и ДО БАЛЧАК (TO THE HILT, 2014).

За целосен увид во неговата филмографија треба да ги наброиме и режисерските потписи под кратките документарни филмови 99 (1973), ОГАН (1974), ГРАДЕЖНО ПРЕТПРИЈАТИЕ „МАВРОВО“ (CONSTRUCTION FACTORY MAVROVO, 1977), ДОБРО НИ ДОЈДЕ (WELCOME, 1979), потоа како помошник на режија кај Трајче Попов, неговиот татко, во играниот филм ПРЕСУДА (THE VERDICT, 1977) и документарниот КОЧО СОЛЕВ РАЦИН (1975), како и сценарио во ВИДУВАЊА (REUNIONS, 1975) и избор на музиката во СВАДБА НА ШАРПЛАНИНЕЦОТ (SHARPLANINA DOG’S WEDDING, 1970) на истиот автор.

НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА

Попов има добиено десетици награди за неговите остварувања. Меѓу другите се и Специјална диплома во 1973 год. на Мартовскиот фестивал во Белград и награда од Белградскиот универзитет за 99; Златен медал за режија на Мартовскиот фестивал во Белград, Награда за најдобар филм на годината на Телевизија Белград во 1974 год., награда „Седум секретари на СКОЈ“ и југословенски кандидат за „Оскар“ за ОГАН; Сребрен медал за режија на Мартовскиот фестивал во Белград за АЛКАЛОИД (ALKALOID, 1975); Гран при и Голем златен медал на Мартовскиот фестивал во Белград за АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА (1976), а бил и југословенски кандидат за „Оскар“ таа година; ДАЕ во 1979/1980 год. се закитува со Златен медал за режија на белградскиот Мартовски фестивал, Гран при во Оберхаузен, Германија, специјална награда на жирито „Сребрен бумеранг“ во Мелбурн, Австралија, Специјална награда на жирито на фестивалите во Лајпциг (Германија), Лондон (В. Британија) и на Балканскиот филмски фестивал во Љубљана (Словенија)… На Филмскиот фестивал во Отава (Канада) ДАЕ е вброен меѓу трите најдобри филма на светот, а на фестивалот во Лос Анџелес (САД) доби признание од Американската филмска академија и беше вброен меѓу петте најдобри документарни филмови на светот. Секако, најголемиот успех на ДАЕ и македонската кинематографија дотогаш е номинацијата за „Оскар“.

ЦРВЕНИОТ КОЊ во 1981 год. ја добива највисоката државна награда „11 Октомври“, а во 1982 год. Диплома на ФЕСТ во Белград (Србија) и на фестивалите во Лос Анџелес (награда ФИЛМЕКС) и Сан Франциско (САД).

СРЕЌНА НОВА ’49 во 1986 год. доминира на националниот екс-југословенски фестивал во Пула (Гран при и Голема златна арена за најдобар филм; награда „Милтон Манаки“ од југословенската критика; и награда Златен гладијатор од Југословенската филмска академија), потоа „Повелба на културата“ од СИЗ на културата на СР Македонија; Специјална диплома на фестивалите во Ерусалим (Израел) и Минхен (Германија) и Гран при во Порто Алегре (Бразил), како и наградата „13 Ноември“, а филмот беше и југословенски кандидат за „Оскар“.

ТЕТОВИРАЊЕ во 1991/1992 год. се закити со Гран при „Златна мимоза“ на фестивалот во Херцег Нови (Црна Гора), беше македонски кандидат за „Оскар“ и номиниран за наградата „Феликс“ на Европската филмска академија.

ЏИПСИ МЕЏИК во 1997/1998 год. беше во официјалната конкуренција на фестивалот во Монтреал (Канада), доби Гран при „Златна Антигона“ на фестивалот во Монпелје (Франција), Специјална награда на жирито на фестивалот во Измир (Турција), а беше и македонски кандидат за „Оскар“ и во официјална селекција за „Феликс“ на Европската филмска академија.

Последниот филм, за сега, на Попов, ДО БАЛЧАК ја имаше премиерата на 35. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола во 2014 год.; филмот беше македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар странски филм, а забележа и учество на Фестивалот на новиот балкански филм (Balkan New Film Festival) во Шведска, 10. Денови на Балканот во Минхен (Германија) и на фестивалот „Febiofest“ во Прага (Чешка).

ПОЕТИЧКИ КООРДИНАТИ

Мирослав Чепинчиќ, историчар и теоретичар на филмот, во „Македонскиот игран филм – книга втора“, вака пишува за творештвото на Столе Попов:

„Стилот на документарците ОГАН и АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА го карактеризира една посебна филмска артикулација на животната фактографија и тоа е токму она што на најдобар можен начин ја потврдува духовната врска на авторот со традициите на македонската документаристика…

Во филмот ДАЕ се содржани безмалку сите носечки структурални мотиви коишто од почетокот предизвикуваат интерес за Столе Попов како синеаст и за неговиот дотогашен опус. Тука особено доаѓа до израз она метафоричко, антејско провикување и барање на врската помеѓу човекот и неговата почва, како и едно сублимирано визуелно евоцирање на таа врзаност и човечка судбина…

Непотребно е да го апострофираме фактот дека С. Попов и со својот документаристички опус и со ЦРВЕНИОТ КОЊ е брилијантен пример на вистинско поставување на творечката фантазија… ЦРВЕНИОТ КОЊ како дебитантско дело во никој случај не е дебитантско по своите несомнено драмски и визуелни квалитети. Попов со својот настап сосем сигурно постави некои нови авторски стандарди кои понатаму ќе се покажат од битна полза за македонската играна продукција. ЦРВЕНИОТ КОЊ и без овие коментари претставува една долго очекувана сума на естетски доблести, дотогаш парцијално постигнувани во нашиот игран филм…

Она што мислам дека е важно да се истакне во врска со режисерската постапка на Столе Попов, поправо со неговата визуелна поетика, е неговото мошне луцидно користење на возовите како елементи на драмски подвижен простор со полна визуелна резонанца. Таквиот елемент веќе го сретнавме во ЦРВЕНИОТ КОЊ, но во СРЕЌНА НОВА ‘49 тој е доведен безмалку до совршенство…“

ЛИЧНОТО „ТРОЈСТВО“

Можеби се чини како вообичаен дел од т.н. тривија во филмографиите на авторите, но тука можеме да нагласиме дека таа визуелна резонанца што Попов ја извлекува од возовите е дел од едно неформално тројство во неговите играни филмови, кое авторот го практикува речиси како талисман. Тоа тројство значи дека во секој негов игран филм има воз, џуџе и појавата на авторот par lui-même (тој самиот), како Алфред Хичкок во неговите филмови.

Кога историчарот на филмот Чепинчиќ го посочува „антејското провикување и барање на врската помеѓу човекот и неговата почва“ (Антеј е антички џин, син на Геја, божицата на земјата, и Посејдон, богот на морето; огромната сила), тоа ме потсети на еден неформален разговор со актерот Младен Крстевски, кој со Мето Јовановски најчесто играл во филмовите на Столе Попов. Крстевски, кој играл ефектни епизодни улоги во сите играни филмови освен во ЏИПСИ МЕЏИК, луцидно забележа дека јунаците на филмските приказни на Попов секогаш доаѓаат на својата (македонска) почва од некаде – со воз. Но, и заминуваат од таа почва со воз.

Возовите како „подвижен забревтан простор“, како што тој драмски простор го дефинира Чепинчиќ, ги има во дебитантскиот игран филм ЦРВЕНИОТ КОЊ, кога Борис Тушев (Велимир Бата Живоиновиќ) како политички емигрант, заедно со соборците од ДАГ (Демократската армија на Грција), скита низ беспаќата на истокот на Советскиот Сојуз, додека не се скрасат некаде, но само привремено.

Во СРЕЌНА НОВА ‘49 е ефектно присутен на отворањето и на крајот на филмот. На почетокот Бота (Мето Јовановски) доаѓа дома од Истокот, со возот од тогашниот СССР, по раскинот на Југославија со Источниот блок; на крајот од филмот Пиги (Светозар Цветковиќ) во студената новогодишна ноќ кога се пречекува 1949 година, со раце се држи за оската на вагонот на забревтаниот воз за да емигрира од истата Југославија, но на Запад.

Во ТЕТОВИРАЊЕ, главниот јунак Илко (Мето Јовановски), по расправијата со сопругата, сака да отпатува некаде, па оди на скопската железничка станица, за да замине со првиот воз. Можеби е исклучок што овој јунак од филмовите на Попов не доаѓа од некаде на својата почва, но затоа, пак, завршува во затвор.

Попов продолжува да ги користи возовите и во наредните негови играни филмови, ЏИПСИ МЕЏИК и ДО БАЛЧАК. И во двата филма возовите се мошне силни навестувачки визуелни идиоми на судбината. Во првиот случај, ЏИПСИ МЕЏИК, главниот јунак Таип (Предраг Мики Манојловиќ) заминува од овој свет, прободен со нож во стомакот и градите, потпрен на еден од вагоните на возот што започнува да се придвижува и се оддалечува на хоризонтот. Во ДО БАЛЧАК двајца од главните ликови, Тереза (Инти Шрај) и Филип (Мартин Јордановски), доаѓаат во Македонија со возот што го симболизира „Ориент експрес“, на средба со нивната судбина…

Понатаму, во сите негови пет играни филмови се појавува и човек-џуџе, а кога, пак, станува збор за хичкоковски појави кај Попов, тие се флеш кадри, во траење од по 1-2 секунди.

ДОСЛЕДНОСТ, ПРЕД И НАД СÈ

Филмот на апсурдот, каква што е драмската суштина на ТЕТОВИРАЊЕ, е доследната реалистичка нишка (со натуралистички примеси) во неговото творештво. Тој простор е често и семејно омеѓен кога ги слика јунаците на сториите, и во него Попов суверено се снаоѓа, користејќи го понатаму и во ЏИПСИ МЕЏИК и во ДО БАЛЧАК. Нема недореченост, а ако „личното тројство“ на Попов не било многу потенцирано, не значи и дека било неизречено.

Напротив.

И рускиот историчар на филмот Мирон Черњенко (Miron Chernenko) во опсежната студија „Македонскиот филм“ (The Macedonian Film, Кинотека на Македонија, 1997, Скопје), ја бележи појавата на Попов со ЦРВЕНИОТ КОЊ во „бурните осумдесетти“ на македонската играна продукција, но не како некаков жолтоклунец, туку како веќе комплетно зрел автор.

Черњенко смета дека СРЕЌНА НОВА ’49 е веројатно едно од најдобрите филмски достигнувања на македонскиот филм во целата негова историја.

„…Токму СРЕЌНА НОВА ’49 ќе стави црта под општата југословенска кинематографија и, истовремено, ќе биде еден од првите гласници на балканскиот филм од новата епоха, која ќе настапи по неколку години, но која беше ветена во самата потсвест на уметноста уште далеку пред да биде плисната на површината, која се пробиваше на екраните во непланираните сведоштва за наближувачкиот крај на целиот систем, во најразличните предели и републики на Федерацијата, без видлива меѓусебна врска.“

Затоа, не случајно, кога Кинотеката на Македонија во 2011 год. го славеше својот 35-годишен јубилеј, за прв пат реализира проект за дигитална реставрација на македонски филмови со цел трајно да ги заштити и да ги направи достапни на широката културна јавност. Во проектот беа опфатени 7 филмови на режисерот Столе Попов: играните ЦРВЕНИОТ КОЊ, СРЕЌНА НОВА ’49, ТЕТОВИРАЊЕ и ЏИПСИ МЕЏИК, и документарните филмови ОГАН, АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА и ДАЕ. Дигиталната реставрација се работеше во фирмата „RESTART Production” од Љубљана, Република Словенија.

Поетичкиот круг што го затвораат филмовите на Попов е збогатен и со обнародените реплики од неговите филмови. Колку што за некои песни денес и не паметиме дека биле на Јонче Христовски и други, туку ги сметаме за народни, толку и Попов со неговите филмови изнедри десетина реплики кои сè уште (барем повозрасните генерации) ги употребуваат во урбаниот колоквијален говор.

Хроничарите на македонската кинематографија секако дека нема да пропуштат да истакнат дека во 1977 год. Попов снимил еден од веројатно најуспешните т.н. наменски документарци за скопската фармацевтска индустрија „Алкалоид“.

At last, but not least (на крај, но не и најмалку важно), Столе Попов меѓу другото е и автор на два извонредни и ефектни видеоспотови, за цигарите „Партнер“ (со Франо Ласиќ, актер и пејач од Дубровник) и за песната „Скопје“ на „Леб и сол“ во 1987 год. (кој ја доби првата награда за најдобар музички спот на Фестивалот на Југословенската радио-телевизија во Белград; патем, и тука се појавува Попов во хичкоковски стил). Во 1998 год. спотот за „Џипси сонг“ од истоимениот филм беше прогласен за најдобар македонски музички видеоспот во Скопје.

Кругот е затворен?

Кој знае… Попов направи една огромна временска разлика во неговото филмско творештво од цели 17 години (ЏИПСИ МЕЏИК, 1997 и ДО БАЛЧАК, 2014).

Наградата што сега ја добива се вика „Голема ѕвезда на македонскиот филм“. Ќе звучи аланфордовски ако кажам дека ѕвездите сјаат сè додека не потемнат, но немам друга посоодветна досетка за некаква оптимистичка прогноза дали ќе гледаме уште некој филм на Столе Попов…

Стојан Синадинов

Столе Попов Столе Попов Столе Попов Столе Попов

Американско-полскиот кинематографер Јануш Камински, кој ја освои наградата Златна камера 300 за животен опус, не беше присутен на церемонијата, но виртуелно ѝ се обрати на публиката.

„Едвај чекам догодина да се сликам пред споменикот на браќата Манаки во Битола!“ – рече тој.

Столе Попов

Се очекува следната година, Камински да биде гостин на 42-рото издание на Фестивалот.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20841 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.