Битола ечеше до доцните часови од настапите на редица музичари во рамките на спектакуларниот концерт „Симфонија на ѕвездите“ (The Stars Symphony), кој се одржа на Градскиот стадион „Петар Милошевски“.
Програмата ја предводеше Камерниот оркестар на Битола ⋮IWConnect, а околу 4.000 обожаватели на добрата музика ги проследија настапите на Паркети, Суперхикс, Констракта, Каролина Гочева, Love Itoya, Schiller, Pig & Dan и Brass Brothers.
Со музичкото шоу беше означен и почетокот на Битолското културно лето „Бит Фест“, а по тој повод, на сцената говор одржа градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
„Градскиот стадион ‘Петар Милошевски’ ги отвора вратите и за вакви концертни активности. Освен спортот и она што е основната намена на овој објект, првпат во овој официјален дел со концертни активности ќе можеме да ги покажеме убавините на стадионот и она што нашите гости ќе го презентираат. Како локална самоуправа, трета година по ред, се обидуваме да го подигнеме нивото на фестивалот и верувам дека ќе уживаме во вечерашниот спектакл. Во 18 часот започнуваме со детската олимпијада на тениските игралишта, а потоа продолжуваме со програмата на градскиот стадион“ – стои во неговата објава на Facebook.
Настанот започна во 19 часот со ди-џеј сетовите на DJ Ile The Hair и DJ Boca, а продолжи со битолската група Паркети. Нивниот забавен настап, како и секогаш, ја расположи и загреа публиката на стадионот под Тумбе Кафе.
Суперхикс ги разиграа присутните, пеејќи дел од нивните големи хитови, меѓу кои и „Раде“, „Глупави песни“ и „Мајмуни“.
Констракта доби силни аплаузи со појавувањето на сцената во Битола. Претставничката на Србија на „Евровизија 2022“ настапи со пет песни, а го отпеа и својот хит „In corpore sano“.
Каролина блесна во бело, и настапи со свои песни, како и со два незаборавни хита од Тоше Проески. На нејзиниот музички репертоар се најдоа „Од нас зависи“, „За нас“, „Се лажам себе“, „Хипокрит“, „Немир“, „Твоите бакнежи на моите бели кошули“, „Ајде да летаме“ и „Умирам без тебе“.
Love Itoya ја размрда публиката пред полноќ, а потоа следуваа настапите на Schiller, Pig & Dan и Brass Brothers.
Фото: Александар Василевски / Femina.mk