Раде Шербеџија глатко и со беспрекорна леснотија ја освои публиката во Битола каде синоќа одржа ексклузивен концерт. Заедно со бендот „Западни Колодвор”, тој приреди вистинско уживање за љубителите на музиката, но и пишаниот збор.
Шансони и балади ги разгалуваа емоциите на присутните во Центарот за култура во Градот на конзулите.
Популарниот уметник се обрати на македонски јазик за да го посвети концертот на негов сакан пријател. „Многу ми е драго да сум ноќва со вас и овој мој концерт го посветувам на мојот драг пријател, Горјан Тозија. За Медо“ – рече тој.
Со публиката во еден глас ја пееше „Елено ќерко, Елено“, а ги исполни и „Ne daj se Ines“ и „Barbara“, како и песни од неговиот последен албум „Ne okreći se, sine“ (Не свртувај се, сине).
75-годишниот актер и музичар ја искористи стагнацијата на филмска индустрија во 2020 година предизвикана од коронавирусот за да го финишира овој албум, чија промоцијата беше повод за концертот во Битола.
„Мојот нов албум ‘Ne okreći se, sine’ е порака за пријателствата и љубовта. Пеам песни нови, песни стари, песни мои и песни на мои пријатели, а сите тие се песни за љубовта“ – вели мултиталентираниот артист за новиот албум.
Негова авторска песна од албумот е „Šeherezada“, која Шербеџија му ја посвети на словенечкиот театарски режисер Томаж Пандур кој почина во 2016 година.