Војничката драма The Hurt Locker продолжува да собира награди и признанија успешно конкурирајќи му на хитот Avatar, кој официјално е комерцијално најуспешниот филм во историјата.
На доделувањето на британските награди БАФТА, триумфираше The Hurt Locker со вкупно освоени 6 награди, меѓу кои и наградите за најдобар филм и најдобра режија. Кетрин Бигалоу, која стои зад ова филмско остварување, стана првата жена која што го освоила признанието на БАФТА за најдобра режија. Со тоа, таа го победи својот бивш маж Џејмс Камерон, кој мораше да се задоволи со само 2 награди. Филмскиот хит Avatar ги освои наградите за посебни визуелни ефекти и за продукциски дизајн.
Конкурирањето помеѓу The Hurt Locker и Avatar ќе продолжи на доделувањето на Оскарите на 7-ми март, затоа што двата филма се во водство по бројот на номинации.
За најдобар актер беше прогласен Колин Фирт за улогата во филмот A Single Man, а за најдобра актерка Кери Малиген за улогата во филмот An Education.
Up In The Air ја освои наградата за најдобро адаптирано сценарио, а Up беше прогласен за најдобар анимиран филм.
Наградата БАФТА за животно дело ѝ беше доделена на актерката Венеса Редгрејв, која што пред да ја добие клекна на колена пред принцот Вилијам.
А сега погледнете каква облека избраа ѕвездите за нивното појавување на црвениот тепих.