Оливија Ман води тешка битка. Холивудската актерка сподели дека минатата година ѝ бил дијагностициран рак на дојка.
43-годишната филмска ѕвезда во изминатите 10 месеци минала низ четири операции, меѓу кои и двојна мастектомија.
Лошата дијагноза, актерката од „X-Men: Apocalypse“ ја добила во февруари 2023, а деталите ги откри во Instagram пост.
„Во февруари 2023, во обид да бидам проактивна за моето здравје, направив генетски тест кој проверува дали имаш 90 различни гени за рак. Тестот беше негативен за сите, вклучувајќи го и BRCA (најпознатиот ген за рак на дојка)“.
„Два месеци подоцна, ми беше дијагностициран рак на дојка“ – призна Ман.
„Во изминатите десет месеци имав четири операции и толку многу денови поминати во кревет, што не можам да ги избројам, а научив и повеќе за ракот, лекувањето на ракот и хормоните.“
„Изненадувачки, плачев само двапати. Претпоставувам дека не чувствував како да има време за плачење. Им дозволував на луѓето да ме гледаат само кога имав енергија, кога можев да се облечам и да излезам од дома. Да го носам моето синче во парк. Дијагнозата, грижата, закрепнувањето и лекот против болки ги зачував во приватност. Ми требаше да земам здив и да поминам низ некои од најтешките делови пред да споделам.“
„Среќничка сум. Го фативме ракот навреме. Биопсијата покажа дека имав Луминал Б рак во двете гради. Луминал Б е агресивен рак кој брзо се развива“ – стои во нејзината објава.
Оливија е мајка на едно детенце. Таа и комедијантот Џон Малејни го добија синот Малком во 2021 година.
Ман сега изгледа одлично. Таа присуствуваше на доделувањето на Оскарите и шармираше во елегантна креација покрај сопругот.