„Сексот и градот 2“ веќе го презема светот. Вчера се одржа неговата премиера во Лондон, а четирите хероини од филмот одново блеснаа на црвениот тепих.
Сара Џесика Паркер повторно украде најголем дел од вниманието со големиот моден додаток којшто ја красеше нејзината коса. 45-годишната актерка го искомбинира големиот аксесоар со прекрасна тоалета од покојниот дизајнер Александар МекКвин.
На десната рака Паркер носеше и црна трака, преку која најверојатно сакаше да му оддаде почит на МекКвин, којшто се самоуби во февруари оваа година.
Во врска со нејзината облека, Сара изјавила: „Постоеше само една личност, чија креација можев да носам вечерва. Ли, ова е за тебе. Многу ми недостигаш“.
Сара Џесика Паркер носеше креација на МекКвин и на лондонската премиера на првиот филм „Сексот и градот“ во 2008 година. Шармантната Кристин Дејвис за премиерата избра блескава тоалета на Norman Norell во металик боја.
Провокативната Ким Катрал на црвениот тепих носеше црн фустан на Thierry Mugler, којшто одлично се надополнуваше со црвениот кармин и брановидната фризура во стилот на 40-тите. Синтија Никсон ја надгради својата коса за да може да изгледа прекрасно во тоалета на Narciso Rodriguez.
Четирите актерки знаат како да привлечат внимание и да измамат воздишки каде и да се појават.