Српската пејачка Ксенија Пајчин и црногорскиот манекен Филип Каписода синоќа се пронајдени мртви во станот на пејачката во Белград. И двајцата имале прострелни рани, а покрај телото на Каписода е пронајден пиштол.
Според првичните сознанија на полицијата, најверојатно се работи за убиство и самоубиство. Се претпоставува дека Каписода прво ја убил Пајчин, а потоа си го одзел и сопствениот живот. Но, истрагата сè уште е во тек и нема официјални информации.
Безживотните тела на младиот пар ги пронашла мајката на Ксенија, која во моментот на трагичниот настан била во соседството. Соседите изјавиле дека Ксенија и Филип многу често влегувале во расправии. Српските медиуми пишуваат дека пред два дена во истиот стан доаѓала полиција поради пријавено насилство.
Таа информација ја потврди и најдобриот пријател на Ксенија, Горан Стоичевиќ - Карамела, кој видно растревожен бил на местото на немилиот настан. За српскиот Блиц тој изјавил:
„Тогаш се расправале, дошла и полиција, па дојдов и јас да ги смирам. Синоќа се допишувавме до два часот. Се карале затоа што Филип бил многу љубоморен. Ѝ беше тешко, плачеше... Требаше денес да се видиме, бидејќи на син ми му е роденден, ама...“
Ксенија Пајчин е родена на 3 декември 1977 година во Белград. Таа беше една од најсексапилните јавни личности во Србија. Според медиумите, нејзината врска со манекенот Филип била особено бурна, со многу разделби и помирувања. Филип Каписода е роден во 1987 година. Тие за последен пат ја обновиле врската кон крајот на минатата година, по излегувањето на Филип од шоуто „Големиот брат“.