Фановите на Леонардо Дикаприо можат да воздивнат со олеснување. Како што и се прогнозираше, популарниот актер синоќа го прими првиот Оскар.
На церемонијата која се одржа во Долби Театарот во Холивуд, на 41-годишниот актер му беше врачена златна статуетка за Најдобар актер за улогата на борбениот Хју Глас во филмот „The Revenant“.
Леонардо со широка насмевка на лицето го дочека објавувањето на победникот во категоријата во која конкуренти му беа Брајан Кренстон (Trumbo), Мет Дејмон (The Martian), Мајкл Фасбендер (Steve Jobs) и Еди Редмејн (The Danish Girl).
Во својот говор тој им честита на сите номинирани, им се заблагодари на Том Харди, кој глумеше покрај него во „The Revenant“, на режисерот Алехандро Ињариту, како и на сите свои соработници. На крајот, славниот актер се осврна на климатските промени, истакнувајќи дека 2015 година е најтоплата година во историјата.
„Ви благодарам на сите за оваа прекрасна награда вечерва. Да не ја земаме оваа планета здраво за готово. Јас не ја земам оваа вечер здраво за готово“ – во овие зборови Леонардо го заврши својот говор.
Годинава Леонардо ја доби својата шеста номинација за награда од Академијата за филмски уметности и науки. Тој има пет номинации како актер и една како продуцент.