Синоќа во Лос Анџелес се одржа доделувањето на People's Choice Awards, награди за милениците на публиката.
Иако не беше присутна на настанот, Кети Пери освои најголем број на награди. Актуелната музичка ѕвезда освои пет награди меѓу кои и за Омилена женска пејачка, Омилена песна на годината („E.T.“) и Омилено музичко видео („Last Friday Night“).
За Омилен машки пејач беше прогласен Бруно Марс, а наградата за Омилен албум ѝ припадна на Лејди Гага за албумот „Born This Way“.
Еминем беше прогласен за Омилен хип-хоп изведувач, Ријана за Омилен R&B изведувач, Деми Ловато за Омилен поп изведувач, Тејлор Свифт за Омилен кантри изведувач, а Maroon 5 за Омилен бенд.
Серијата „How I Met Your Mother“ беше прогласена за Омилена телевизиска комедија, додека „Supernatural“ ја освои наградата за Омилена телевизиска драма.
„Harry Potter and the Deathly Hallows Part 2“ доби четири награди, меѓу кои и наградата за Омилен филм.
Ема Стоун беше прогласена за Омилена филмска актерка, а Џони Деп е Омилен филмски актер. Наградата за Омилена филмска икона ја доби Морган Фримен. Роберт Патинсон ја подигна наградата за Омилен драма филм за филмот „Water for Elephants“.