Победата на Италија на Евровизија 2021 беше пропратена со голема еуфорија, но и со многу дискусии околу спорен момент прикажан за време на преносот на финалето.
Фронтменот на италијанскиот бенд Måneskin, Дамијано Давид, беше снимен додека се наведнуваше над масата во „Зелената соба“ и неговиот потег многумина го поврзаа со земање кокаин.
Видео од спорниот момент
Уште на самата прес-конференција по победата, 22-годишниот пејач веднаш ги отфрли обвинувањата. „Не користам дрога“ – рече тој и појасни дека под масата гледал скршена чаша.
Сепак, за да стави крај на шпекулациите, Европската радиодифузна унија (EBU) спроведе истрага, во рамките на којашто биле разгледани сите снимки од вечерта, а Дамијано доброволно се подложил на тест за дрога.
Откако резултатите од тестот испаднаа негативни, EBU соопшти: „Немаше користење на дрога во Зелената соба“.
Непосредно пред тестирањето, бендот уште еднаш порача: „Ние навистина сме ПРОТИВ користење дрога и никогаш не сме земале кокаин. Подготвени сме да се тестираме, затоа што нема што да криеме.“
Måneskin го освои евровизискиот трофеј со песната „Zitti e buoni“.