Сте го гледале ли филмот „Jack and Jill“? Ако вашиот одговор е не, тогаш можеби треба да ги послушате критичарите и да го прескокнете за да не си го губите времето. „Jack and Jill“ стана рекордер по освоени награди, но станува збор за наградите кои никој не сака да ги добие – Златни малини.
Комедијата на Адам Сендлер освои рекордни 10 „малини“. Тоа е единствениот филм кој во 32-годишното доделување на Златните малини ги освоил наградите во секоја категорија.
Освен што филмот ја доби наградата Најлош филм, Адам Сендлер беше прогласен за Најлош актер и Најлоша „актерка“, бидејќи во филмот ги глуми близнаците Џек и Џил.
Оскаровецот Ал Пачино кој се појавува во филмот ја освои наградата Најлош актер во споредна улога.
Златните малини уште се нарекуваат и анти-оскари и се наменети за најлошите во филмската индустрија. Објавувањето на „победниците“ оваа година за првпат се одржа на Денот на шегата. Традиционално досега наградите „Златна малина“ се доделуваа непосредно пред доделувањето на Оскарите.