Освојувањето на статуетка на големите манифестации за доделување на награди во Холивуд е сон на секоја ѕвезда. Но, постои еден тип на трофеј кој ниту еден актер не сака да го добие – Златна малина.
Вчера вечерта, само еден ден пред Оскарите, се одржа доделувањето на наградите „Златна малина“, кои одат во рацете на луѓето одговорни за најлошите остварувања во Холивуд за изминатата година, односно филмовите со кои гласачите најмногу се шегуваат.
Најголем „победник“ на вечерта беше филмот „The Last Airbender“ кој успеа да собере дури 5 златни малини, меѓу кои за Најлош филм, Најлош режисер и Најлошо сценарио.
Четирите актерки од „Сексот и градот“, Сара Џесика Паркер, Ким Катрал, Синтија Никсон и Кристин Дејвис, колективно ги освоија наградите за Најлоши актерки и Најлоша екипа за нивните улоги во „Сексот и градот 2“, а самиот филм беше прогласен и за Најлошо филмско продолжение.
Ештон Качер доби златна малина за Најлош актер за неговата улога во филмовите „Killers“ и „Valentine's Day“, а Џесика Алба беше прогласена за Најлоша актерка во споредна улога за 4 различни филма и тоа: „The Killer Inside Me“, „Little Fockers“, „Machete“ и „Valentine's Day“.
Ако вчера се доделуваа награди за најлошите во Холивуд, вечерва ќе им бидат доделени наградите Оскар на најдобрите во филмската индустрија за изминатата година.