Почетна » Новости » Шоу-бизнис » Драгана Лошкова: Успешна, амбициозна и природна

Драгана Лошкова: Успешна, амбициозна и природна

Интервјуто со Драгана Лошкова за Магнетик е спонзорирано од Marella.

Најновиот проект на кој премиерата е овој месец во МНТ е „Макбет”. Како е да си дел од овој проект? Заедно сте во тим со Сашко Коцев, кого ретко го гледаме во ваков тип на претстави, раскажи ни некоја интересна случка од пробите и подготовките.

- Во театрите низ светот постои верување дека драмскиот текст „Макбет“ на Вилијам Шекспир е „проколнат“ и дека ѝ носи несреќа на онаа екипа кој ќе се одлучи да го работи. Постои легенда која вели дека на праизведбата на „Макбет“ актерот кој ја играл улогата на Лејди Макбет умрел за време на претставата, па самиот Шекспир морал да го замени. Оттогаш екипите кои го работат овој текст избегнуваат да го изговараат името Макбет во театарската зграда, и наместо тоа го користат изразот „Шкотската Драма“. Имајќи го ова в предвид требаше да бидеме во очекување не само на интересна туку и на некоја потресна односно мрачна случка за време на процесот. За среќа, нас проклетството не избегна. Се разбира подготовка на претстава подразбира многу убави и креативни моменти, но и лични, продукциски и тимски предизвици кои знаат да предизвикаат немир, но и задоволство кога предизвикот ќе биде надминат.

Драгана Лошкова

Продирајќи во шекспировите трагедии можеме да препознаеме искуства кои лично сме ги доживеале или пак ги препознаваме во современото општество или блиското минато. Шекспир можеме да го пронајдеме во литературата, уметноста, театарот, но и во секојдневниот живот, а тоа ни овозможува покрај тоа што неговите дела се грандиозни, воедно да бидат и толку блиски и човечки. „Макбет“ е извонредно дело. На сцената на Македонскиот Народен Театар се постави за првпат и е во режија на Нела Витошевиќ. Исклучително многу сум радосна што бев дел од тој процес. Да се читаат секојдневно стиховите на Шекспир, и во една пријатна атмосфера да можеш со колегите да разговараш за нив, да си мечтаеш што тој со некоја метафора сакал да каже пред повеќе од четиристотини години, да се обидеш да ја дофатиш нивната севременост, да ги интерпретираш – сето тоа е вистинска привилегија.

Драгана Лошкова Драгана Лошкова

На една театарска претстава работи цела плејада од уметници. Сите работите заедно како целина, како тим. Во која од претставите досега на кои си работела си ја чуствувала таа сплотена, позитивна, еуфоричност најмногу?

- Дали една претстава ќе биде добра или не, зависи од тоа дали секој од учесниците работи конструктивно кон заедничкиот резултат. Нашата „Макбет“ е пример за колективно посветено учество, како на секој еден од актерската екипа, така и на техничката, а тоа за публиката е јасно видливо. Претпоставувам дека на Нела не ѝ беше едноставно да се справува со толкав број учесници во процесот и можам само да замислам колку енергија и тактизирање ѝ биле потребни за од секој од нас да го извлече најдоброто, а од друга страна успешно да го спроведе своето читање на „Макбет“. Сум работела неколку претстави со неа и сведок сум на тоа дека како резултат на нејзината умешност да сплоти и инспирира во екипата секогаш е присутно чувството на задоволство.

Драгана Лошкова Драгана Лошкова

Твоите почетоци се во Драмскиот театар. Која ти е најдрага улога од оние од почетоците? Дали сметаш дека те менуваат улогите кои ги играш?

- Да, мојот прв професионален ангажман беше во Драмски театар кога бев трета година на студии на факултетот – ја играв Дона Елвира, во „Дон Жуан“, на Молиер во режија на Александар Поповски, оттогаш се поминати скоро петнаесет години. Не би можела да одвојам која улога ми е најдрага, затоа што секоја од нив е дел од некаков процес и си носи специфичен багаж, искуство и поука. Можам да кажам која ми била најпосакувана – Маргарита од „Мајсторот и Маргарита„ на Михаил Булгаков. Кога некој ќе ме прашаше која улога би ти значела остварување на сонот, мојот единствен одговор беше Маргарита. И баш беше магично, каков што е и самиот роман, тоа што Иван Поповски дојде од Москва и ја постави на сцената на мојот матичен театар. Има и неколку улоги кои не ми се толку драги, но среќа тие се навистина малубројни.

Не мислам дека улогите во буквална смисла ме менуваат, но секако дека во процесот на подготовка на една улога ние имаме прилика да се протнеме во некој лик и да ги преживееме неговите драматични искуства. Многу често тие ликови изговараат реплики кои низ времето се запаметени како големи идеи, вистини или случки кои го изместиле од тежиштето светот – оној свет кој постои во конкретното драмско дело. Претпоставувам дека секојдневниот контакт со овие ликови, во текот на неколку месеци, колку што се подготвува една претстава не може, а да не придонесе и во моето лично созревање. Тоа е исклучителна привилегија, вистински бесценето.

Драгана Лошкова Драгана Лошкова Драгана Лошкова

Беше дел од мини телвизиската серија “На терапија”. Како дојде до таа соработка? Дали сметаш дека кај нас се потребни повеќе вакви проекти? На што те научи ова искуство?

- Многу ми се допадна „На Терапија“ и како продукт и како процес. Во студентските денови бев дел од една телевизиска серија во продукција на МТВ, но ова беше сосема поразлично искуство. „На Терапија“ пред сè беше многу важна во однос на тоа што имаше за цел да развие дебата по повод неколку табу теми во нашето општество, а нас тоа ни наметна додатна одговорност за тоа како ќе им пристапиме на ликовите и како ќе ги портретираме. Се покажа дека серијата го оствари посакуваниот резултат. После секоја епизода на фејсбук страницата на „На Терапија“ гледачите ги споделуваа своите мислења и дискутираа. За мене исто така ново искуство беше тоа што првпат говорев репики кои не беа на македонски јазик – Зана, ликот што го играв, беше од албанска националност и имав неколку реплики на албански јазик. Нивното совладување и интерпретирање беше интересен предизвик. Сметам дека „На Терапија“ е битен продукт за нашата телевизиска сцена во таа смисла што не е само забавна серија, туку бара и еден поинаков ангажман. Овиј тип на продукција треба редовно да ѝ биде понудена на публиката, како на телевизија, така и во театар.

Пријателства денес тешко се одржуваат. Посебно со темпото и стилот на живот на актерите. Дали сметаш дека професионалните успеси влијаеле на твоите пријателства?

- Не сум почувствувала момент кога професијата ме оддалечила од некое пријателство. Единствено се незгодни моментите кога се случува некоја многу убава прослава или некој настан како концерт или театарска претстава во друг театар, да не можам да ги посетам поради сопствена претстава. Многу, многу сакам да се дружам и да си муабетам со другарките, нема нешто позабавно од купче жени што разговараат. Еден од моите омилени писатели, Жозе Сарамаго, во еден од моите омилени романи, „Балтазар и Блимунда“ вели дека кога две жени разговараат му овозможуваат на светот да се движи :)

Драгана Лошкова Драгана Лошкова Драгана Лошкова

Дали сметаш дека модата и стилот на облекување е на еден начин израз на нечиј карактер. Еден вид на лична уметност? Како би го опишала твојот стил на облекување? Кое парче кое го поседуваш има за тебе најголема вредност?

- Секако дека првиот впечаток за една личност е визуелниот, и според стилот веднаш си правиме некоја приказна односно претпоставка за неа. Многу сакам да разгледувам модни списанија, а во секојдневието вниманието ми го привлекуваат жени кои се елегантни и кои до најмал детаљ внимаваат на својот изглед. Мене пак од друга страна, освен кога станува збор за посебна прилика, многу ми е битно да се чувствувам комфорно и по цена на тоа да не внимавам на финесите. Тоа што повеќе ми значи е да живеам и да изгледам здраво. Сакам да внимавам на исхраната, да бидам физички активна, да се грижам за кожата на лицето, косата, да користам квалитетна козметика – тоа е мојот стил. Омилени парчиња облека ми се тие што најтазе сум си ги купила, и оние што допрва ќе си ги купам.

Драгана Лошкова Драгана Лошкова

Што ти дава самодоверба? Што те плаши приватно и професионално?

- Моето искуство ми кажува дека чувството на самодоверба е прилично нестабилно и осетливо на промена, па не е секогаш најдобар избор да се потпреме на него за нешто да направиме, превземеме или пак да си дозволиме да бидеме радосни. Посигурно е човек да превземе одговорност, да биде проактивен, да делува, а со тоа ќе почувствува и зголемена самодоверба.

Ме плаши она што не ми е познато, но радосна сум што ретко ми се појавуваат стравови кои просто ме смрзнуваат односно инхибираат да превземам некаков чекор.

Драгана Лошкова Драгана Лошкова Драгана Лошкова

Што сè уште стои на твојата to-do-list?

- Со оглед на тоа дека Воланд (Сатаната) од романот „Мајсторот и Маргарита“ на Михаил Булгаков би му се изнасмеал на нечиј to-do-list велејќи дека човекот е лишен од можноста да направи план за некој пристојно краток период, па дури и до утре, алудирајќи на тоа дека текот на нештата не зависат само од нас, би рекла дека знам бар кои ми се приоритетите. На прво место ми е сопругот, благосостојбата на нашата заедница како и онаа на мојата фамилија. Понатака секако работата врз себе, во секоја смисла, тоа е отворен процес кој нема крај.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19702 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.