Интервјуто со Амернис Нокшиќи – Јовановска за Магнетик е спонзорирано од Marella.
Дел си од многу ТВ проекти, филмови, театарски претстави. Во кој од овие типови на уметнички израз најмногу се пронаоѓаш?
- Го сакам филмот, но подрага ми е театарската уметност. Театарската уметност дава можност да го надоградуваш ликот со секое играње, нема запирање. Ја сакам театарската уметност бидејќи се случуваат постојано многу непредвидени ситуации.
На една театарска претстава работи цела плејада од уметници. Сите работите заедно како целина, како тим. Во која од претставите досега на кои си работела си ја чуствувала таа сплотена, позитивна еуфоричност најмногу?
- Во мојата професија не е возможно да нема тимска работа. Не може, а да не сме сплотени. Во секоја од претставите што досега сум ги играла сум се посветувала максимално. Без разлика дали се големи или мали. Таа тимска работа функционира. Сите работиме за претставата. Но, секогаш има и актери кои понекогаш го бојкотираат проектот или немаат верба во него па, па тогаш станува потешко. Колку повеќе работиме тимски, толку повеќе претставата добива на квалитет.
Препорачај ни претстава која мора да ја изгледаме.
- Последно нешто кое сум го гледала, а ми оставило впечаток е „Венера во крзно” во режија на Ивана Ангеловска. Играат двајца мои драги колеги Ивана Павлаковиќ и Благој Веселинов. На сите оние кои ја немаат гледано им препорачувам од срце да ја гледаат од септември. Нема да ве остави рамнодушни.
Дали танцот или глумата е твојата прва љубов? Што значи за тебе танцот? Со каков друг тип на уметност би се бавела? Дали гледаш на модата како вид на уметнички израз?
- Првенствено балетот беше моја прва љубов, но како поминуваше времето, љубовта кон глумата растеше сè повеќе. За мене танцот е слободно изразување на чувства без одреден текст, кога танцуваш чувствуваш слобода и љубов.
Беше дел од мини телевизиската серија „На терапија”. Како дојде до таа соработка? Дали сметаш дека кај нас се потребни повеќе вакви проекти? На што те научи ова искуство?
- Да, бев во кастот за „На терапија“, како и досегашните ангажмани за филм или серија треба да се помине фазата на „кастинг”. Поминав успешно и станав дел од проектот. Имав прекрасно искуство со сите колеги, морам да признаам беше тешко и напорно. Овој тип на серија е многу захтевен проект за еден актер. Сиот арсенал треба да се искористи со цел да се добие посакуван резултат. Сметам дека нам ни требаат повеќе серии од овој тип бидејќи отвараат прашања на кои мнозинството не се подготовени да разговараат.
Беше дел од екипа „Петко“ и албанската „Miri nikochiri“ , кажи ни како дојде до тоа да се вклучиш во овој проект? Кажи нешто повеќе за искуството да работиш зад сцената?
- Во проектот се вклучив по иницијатива на мојата драга колешка Билјана Драгичевич Пројковска. Работев како coach dialog. Да се работи зад сцената е многу интересно, сè изгледа многу поинаку. Не е лесно да се справиш со глумците. Треба да се има поединечен пристап со секого за да се добие посакуваниот резултат.
Која ти е најдрага улога од оние од почетоците? Дали сметаш дека те менуваат улогите кои ги играш?
-Најдрага улога од моите почетоци е преставата „Татко” - Стрингберг во режија на Слободан Унковски. Одлично искуство, одличен каст и одличен режисер. Не сметам дека улогите ме менуваат туку понекогаш ме надополнуваат.
Си работела на неколку проекти на Косово, дали подготвуваш нов проект во странство? Дали постои разлика во професионалноста и уметничкиот израз кога се работи дома и во странство?
- Во моментов сум фокусирана повеќе на нашиот пазар. Уметничкиот израз во странство или дома е ист. Нема разлика.
Од што се плашиш, приватно и професионално?
- Сите имаме стравови. Професионално најголем страв ми е да не го изгубам гласот, алатка без која не се може.
Што е она што ти дава сила да продолжиш без разлика на сè?
- Љубовта кон мојата професија е мојот професионален двигател.
Што ти дава самодоверба?
- Како навлегов во 40-тите работите, некако се сменија. Знам што сакам, а што не. Искуство.
Смеењето е дефинитивно најдобриот лек. Што те смее?
- Ме смеат ведри луѓе и се трудам што повеќе да бидам опкружена со овој тип на луѓе.
Што е за тебе следно професионално?
- Во август започнуваме со подготовки за нова претстава за отварањето на Албански театар.
Модел: Амернис Нокшиќи
Облека: Marella
Фотографија: Александра Костадиновска
Шминка: Васе Доковски (Beauty Hub 202)
Коса: Даниел Артевски (Beauty Hub 202)