Мултиталентиран артист кој паралелно функционира во повеќе музички сфери. Истакнат автор, препознаен вокал, професионален виолинист, искусен изведувач, успешен уметнички директор... Димитар Андоновски непрекинато ја проширува богатата кариера, а најновото поглавје во неговото опширно резиме е компонирање на филмска музика.
Познатиот битолчанец ја потпишува музиката на македонскиот трилер „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски. Неговата моќна музика ги продлабочи сцените и ѝ даде нова димензија на целата сторија.
Андоновски за Femina.mk откри како дојде до креирањето на неговиот прв саундтрак и како се одвиваше креативниот процес, а најави и нови проекти за освежување на македонската музичка сцена.
Заслужен си за музиката на филмот „Бизнисот на задоволството“. Кога ќе земеме предвид што таа е круцијална за пренесување на емоциите кон публиката и што ова е прв твој саундтрак, колкав предизвик ти беше компонирањето?
Димитар
- Музиката е една од најмоќните алатки за пренесување на емоции, особено во филмови. Овој проект беше навистина возбудлив, но истовремено и голем предизвик. Како мој прв саундтрак, требаше да го пронајдам балансот помеѓу емоциите на ликовите и атмосферата на сцените, за да ја поддржам приказната на најдобар можен начин. Со тоа, постојано размислував како секоја нота да ја засили пораката на филмот, а тоа бараше посветеност и креативност.
Заедно со Зоран Алексиќ и Милан Симовски беше номиниран за наградата Златна Шишарка за најдобра филмска музика на Меѓународниот филмски фестивал во Самобор, Хрватска, каде се собираат редица Оскаровци. Какво беше чувството да биде признаена твојата работа на така високо ниво?
- Беше навистина неверојатно искуство! Да бидеш номиниран за награда на фестивал каде се признава трудот на толку почитувани и реномирани композитори со добиени Оскари за музика во Холивуд е огромна чест. Тоа ми даде дополнителен поттик и мотивација да продолжам да работам и да се развивам како композитор. Признанието на меѓународно ниво е големо потврдување за мојот труд.
Како започна соработката со режисерот Гоце Цветановски и што те мотивираше да го прифатиш овој проект, со оглед на тоа што станува збор за многу чувствителна и деликатна тема?
- Соработката со Гоце започна на многу природен начин. Тој присуствуваше на неколку театарски претстави за кои јас ја компонирав музиката и претпоставувам му се допаѓаше мојата музика компонирана за театар, па така ми предложи да работиме заедно. Проектот веднаш ме привлече поради неговата специфична и деликатна тема, која бараше внимателен и суптилен пристап. Се чувствував инспириран од приказната и сакав преку музиката да додадам длабочина и емоционална тежина на она што Гоце го замисли на екранот.
Колку време траеше процесот од првата нота до финализирање на саундракот?
- Процесот траеше околу месец и половина. Работевме интензивно за да се осигуриме дека секој дел од музиката совршено ќе се вклопи со визуелната приказна и атмосферата на филмот. Иако времето беше релативно кратко, соработката и посветеноста на тимот помогнаа да го постигнеме посакуваниот резултат.
Уникатни ликови, напнати и сурови моменти... Дали има конкретна сцена од филмот која ти беше тешко да ја заокружиш музички? И кој момент од филмот би го оценил како највпечатлив од музички аспект?
- Навистина немав проблем со ниту една сцена. Бев возбуден од самиот процес, а креативноста ме водеше цело време. Најубави теми за мене се темата на ликот Дрита и завршната шпица, кои за мене носат посебна емоција и ја заокружуваат целокупната приказна на еден уникатен начин.
Виолината е најсилен елемент во твојата музика за „Бизнисот на задоволството“. Кога и како ти се роди љубовта кон овој инструмент?
- Виолината отсекогаш ме фасцинирала поради нејзината способност да пренесува длабоки емоции. Се запознав со нејзината магија уште од мали нозе кога се запишав да ја изучувам во нижото музичко училиште во Битола, па сè до факултетските денови, а низ годините пробувам како најсилен елемент да ја интегрирам во мојата музика. Нејзината експресивност совршено се вклопува во овој саундтрак и носи силна емоционална тежина.
Како уметнички директор на Gold Felicia, предводник си на сите настапи во популарниот комплекс, а со тоа и главниот „виновник“ да се реализираат спектакуларните кабаре шоуа. Колку време ви беше потребно за да изградите таков тим од артисти?
- Изградбата на тимот од артисти е долг и внимателен процес. Требаше време да се пронајдат вистинските таленти кои можат да ги исполнат нашите амбиции и да придонесат кон целокупната визија. Со тимот кој го имаме сега, работиме напорно и постојано се развиваме за да понудиме нешто ново и уникатно за нашата публика.
Соработувате со многу македонски и балкански ѕвезди. Има ли некоја анегдота која отскокнува во твоите спомени со некое од звучните музички имиња кои настапиле во Gold Felicia?
- Имало многу интересни анегдоти, но една што ми остана во сеќавање е кога еден повозрасен балкански пејач се движеше во бекстејџот во локалот случајно се изгасна светлото, па се удри многу силно во стаклена врата. Во тој момент мислев дека ќе биде голема трагедија, но за среќа, сè заврши убаво и на крај сите се смеевме на случката.
Наскоро ќе се претставиш на „Макфест“ со „Бура“, која е комплетно твое авторско дело. Може ли да ни откриеш повеќе за песната и за твоите идни планови во однос на настапи?
- „Бура“ е песна која ја создадов со многу страст и инспирација. Станува збор за приказна за емоционални конфликти и внатрешни борби, нешто со кое многумина можат да се идентификуваат. Истата е поткрепена со динамичен и модерен ритам и на овој мој начин сакам да се поврзам со публиката. Што се однесува до идните планови, планирам многу музика, како и нови проекти кои ќе донесат свежина на македонската музичка сцена.