Данијела Мартиновиќ ја пронајде својата нова голема љубов. По раскинувањето со Петар Грашо, хрватската пејачка започна врска со криминалниот инспектор Јосип Плавиќ.
Новиот пар ја сними првата заедничка фотосесија за хрватското списание „Story“, а во интервјуто Мартиновиќ зборуваше за нивната врска и моментот на запознавањето.
„Се сеќавам на бојата на неговиот глас. Иако разговорот ни беше службен, а ситуацијата во која се најдов ми беше потполно непозната, зрачеше присебност и мир. На крајот на разговорот наместо ‘Збогум’, ми рече: ‘Нека те прати насмевка’! Веднаш знаев дека е посебна личност. Јосип е цврсто закотвен, со него нема тензии, секогаш наоѓа начин и на сè темелно пристапува“ – изјавила 52-годишната музичка ѕвезда. Тие се запознале пред една година, кога Данијела поднела пријава за крадење на нејзиниот идентитет преку интернет.
Таа открила дека ужива кога со Јосип имаат авантуристички патувања со теренско возило на предизвикувачки шумски патеки. Данијела вели дека нејзиниот сакан патува со неа на концерти кога обврските му го дозволуваат тоа.
Голем дел од жешките летни денови таа ги минувала во студио, каде подготвува два необични дуети.
Данијела неодамна ја издаде својата автобиографска книга „Tuširanje duše“.