И официјално Македонија доби свој претставник за Евровизија 2015. Даниел Кајмакоски победи на вечерашниот Скопски фестивал и воедно ја доби можноста следната година да нè претставува на евровизиското натпреварување во Виена.
Даниел настапи со композицијата „Лисја есенски“ и освои вкупно 22 поени. Познатиот пејач доби и парична награда во износ од 20.000 евра.
На второто место остана Тамара Тодевска со својата песна „Брод што тоне“ (20 поени), а третопласирана беше Еги со песната „Да не те сакам“ (18 поени).
Васил Зафирчев беше домаќин на фестивалот кој се одржа во „Метрополис арена“. Вкупно 20 композиции беа изведени од познати македонски пејачи во придружба на ревискиот оркестар на МРТ. Победникот беше избран по евровизиски метод, т.е. со телефонско гласање и оценување од страна на меѓународно жири во сооднос 50-50.
Јубилејното 60-то издание на Евровизија ќе се одржи во Виена, Австрија. Двете полуфиналиња се закажани за 12 и 14 мај, додека финалето е планирано да се одржи на 16 мај 2015 година. Годинава во музичкиот натпревар победи Кончита Вурст со „Rise Like a Phoenix“.