Краткиот филм „Runaway“ на Кание Вест веќе е достапен за сите кои имаат да издвојат 34 минути од своето време.
Во филмот за којшто толку многу се зборуваше се прикажува феникс кој паѓа на Земјата. На почетокот Кание Вест го пронаоѓа фениксот, во чија улога е бившиот модел на Victoria’s Secret Селита Ибенкс, потоа се грижи за неа, а таа се обидува да се вклопи во современата култура.
„Таа ми станува девојка, луѓето ја дискриминираат и на крајот таа мора да се запали жива и да се врати во нејзиниот свет“ – изјавил Кание за MTV.
Приказната за фениксот всушност ја симболизира музичката кариера на Кание. „Идејата за фениксот веќе подолго време е во моето срце. Таа е можеби паралелна на мојата кариера. Минатата година фрлив молотов коктел на мојата кариера (мислејќи за инцидентот со Тејлор Свифт) и морав да се вратам како подобра личност“ – објаснил познатиот рапер.
Видеото е режирано од самиот Вест, а е снимано во Прага. Бидејќи неговата намена е да го промовира новиот албум на Кание „My Beautiful Dark Twisted Fantasy“, музиката во видеото е од неговите најнови песни „Devil in a New Dress“, „Power“, „All of the Lights“, „Lost in the World“ и „Runaway“.