Македонската јавност ја потресе веста за трагичната смрт на Билјана Беличанец – Алексиќ. Популарната актерка си го одзеде животот со бесење. Имаше 45 години.
Од МВР го потврдија случајот и појаснија дека безживотното тело го пронашол нејзиниот сопруг Сашо Миленковски. „На 06.04.2019г. околу 22.30 часот, во ПС Центар С. М. пријавил дека на ул.„Истарска“ во неговиот стан ја пронашол неговата сопруга Б.Б.А. (45) од Скопје, која си го одзела животот со бесење. Од страна на Итна медицинска помош е констатирана смрт. Извршен е увид, а по наредба на јавен обвинител телото е предадено на Судска медицина за обдукција“ – стои во билтенот на МВР.

Јавните личности во шок се збогуваат со Беличанец.
„Што е тагата без договор на суштествувањето, без одговор на сочувствувањето, без ехо на внатрешениот глас..? Збогум Актерке со раскошен талент....Почивај во мир...“ - напиша Калиопи.
„Се надевам дека сега си на подобро место...
Се надевам дека таму нема да си изневерена од никого...
Се надевам дека таму ќе си прегрната од љубов која овде ти недостигаше...
Толку многу даде, а уште колку многу остана....
Тешко и за неверување маме...
Ти благодарам за СЕ!
Почивај во мир Билјана Беличанец“ - Јелена Јованова
„Билјана Беличанец беше мојот Петар Пан.
Полетна како никој од нашата бранша, леташе високо со своите улоги и оддаваше цврстина на маж, но беше кревка, како кокиче.
Замина во Недојдија...“ - Драган Спасов - Дац.
„Билјана Беличанец. Ретка билка со раскошен талент за цветање. Можеше да даде уште многу цутови. И сакаше. А не напушти на најтрагичниот од сите можни начини. Како вистинска античка хероина. Вечна пролет за неа и за нејзиниот редок и убав цвет“ - Васил Зафирчев.
„Почивај во мир драга моја Беличанец
Не сакаше социјални мрежи и ги презираше. Денес сите се стручни за депресијата (патем најжестоки емоции, па некаде прочитав дека “модерно” било, бог да чува), сите си поигруваат што се случило и секој има своја теорија. Болно, тажно...што би рекла ти : „Весне , најважно е да не си ставаш бигор на душата..”
Не се послуша себеси ....тешко, многу тешко...“ - Весна Петрушевска.
„Билјана Беличанец влезе во канцеларијата. Два месеци откако ме назначија за директор. Седна како на жар карши мене, зад клуб-масата. Да и пратам порака дека е добредојдена и влегува дома, станав од директорската фотеља и седнав кај клуб масата. Ја понудив кафе, одби. Дојдов само нешто да ти кажам., рече. Те разбирам ако ме држиш на страна, ако не добивам улоги, зашто бев функционер кај оние, само дозволи ми да бидам овде, да го дишам театарскиот воздух. Стави ме и во шивална, ќе шијам, само да сум тука. Беше сериозна, а јас се насмеав. Реков: Билјана ти си една од најдобрите глумици во Македонија на сите времиња. Треба да играш и сакам да играш, ама не со игла и конци, туку на сцена. Таму би била од најголема помош. Имаш сојузник во мене. Сепак не заигра, иако требаше да игра главна ролја во една претстава, тоа се изјалови од други причини. Нејсе, затоа со ќеф прифати да биде дел од уметничкиот совет, кога ја поканив, откако ме предупреди дека може да си имам проблеми што е она во него. Баш ме заболе и реков. Се сеќаваш што ти кажав во канцеларија ко дојде? Се насмеа. Е па уште го мислам тоа и реков. И секогаш ќе го мислам. Го мислам еве и сега. Најдобра“ - Сашо Тасевски.
„Почивај во мир, моја Б. Б.“ - Игор Џамбазов.
„Секоја загуба боли. Веста за секоја смрт погодува. Но, најголем вознемир предизвикуваат вестите за нечија прерана смрт. Посебно кога смртта не била судбина...
Длабоко ме потресе веста за заминувањето на личност како Билјана Беличанец-Алексиќ, чиј лик и глас допирал во секој наш дом, кој ни станал близок и кој
ќе ни остане врежан во сеќавањата. Таа имаше уште толку многу да ни даде нам и на театарската уметност. Но, ќе остане запомнета, меѓу другото, и како една од ретките жени градоначалнички во Република Македонија.
Нека почива во мир“ - Гордана Силјановска-Давкова
„Замина драга пријателке без да се поздравиме, замина без да кажеш збогум. Беше среќна на даските што живот значат а за нас пријатно чуството и радост кога те гледавме на нив. Се бореше со огромна енергија за секој дел од Кисела Вода да направиш нешто подобро. Твоите барања кон градот и кон мене беа со љубезност, молба и желба за подобра општина. Јас, насмевка и среќата успевав да ти изнудам на секоја средба и за секој проект што го направивме за Кисела Вода. Ќе ни недостигаш. Најди мир во вечноста Биле.“ - Коце Трајановски.
„Јас те сретнав на сцената кога имав 13 години и пеев на Здраво генијалци, а ти беше забавната Туфи. Неколку години подоцна, како студент, не пропуштав претстава во Драмски театар, зошто секоја твоја креација беше за почит и беше инспиративна. Веста за твојата смрт ме потресе. Почивај во мир“ - Маја Андоновска Илијевски.
„Огромна празнина останува во Драмски. Нашата Билјана Беличанец е неповторлива. Почивај во мир“ - Драмски Театар Скопје.

Беличанец е родена на 25 јули 1973 во Скопје. Во 1994 година дипломира како најмлад актер на Факултетот за драмски уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и истата година се вработува во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде претежно игра главни улоги за кои подоцна добива награди и признанија. Во 1997 година ја продолжува кариерата во Драмски театар - Скопје.

Многумина ја засакаа како Туфи во „Здраво генијалци“, а беше дел од многу проекти меѓу кои „Од денес за утре“ и „Погрешно време“. Во периодот од 2013 до 2017 година беше градоначалничка на Општина Кисела Вода.

Има освоено: Награда Трајко Чоревски за најдобар млад актер за улогата на Медеја во претставата „Медеја“ на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ (Прилеп, 1996); Награда за најдобар млад актер на Фестивалот Мали и експериментални сцени (МЕСС), за улогата на Ерика Брукнер во претставата „Мефисто“ (Сараево, 2000); Награда за најдобро актерско остварување за улогата на Кинегонда во претставата „Кинегонда во Карлаленд“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ Прилеп (2009); Награда за најдобро актерско остварување за улогата на Сара во претставата Генетика на кучињата на МТФ „Војдан Чернодрински” (Прилеп, 2012).
Зад себе остави две деца од првиот брак.