Спенсер Елден, чиј бебешки портрет беше искористен за популарниот омот на албумот „Nevermind“, ги тужи Nirvana поради наводна детска порнографија.
Иако со години ја пресоздаваше популарната фотографија и даваше интервјуа за истата, сега Спенсер ја користи како основа за сериозно обвинение.
Фотографијата го прикажува како голо бебе кое плива кон банкнота прикачена на јадица. Законски, фотографиите од бебиња кои не се со сексуален карактер и конотација не се сметаат за детска порнографија. Но, адвокатот на Спенсер тврди дека токму затоа што до бебето има банкнота, фотографијата алудира дека е „сексуален работник“. Исто така, тужбата се повикува и на фактот што родителите на Спенсер никогаш не потпишале дозвола за какво било користење на фотографијата.
„Обвинетите намерно комерцијално ја рекламираа детската порнографија со Спенсер и ја искористија шокантната природа на неговата слика за да се промовираат себеси и нивната музика“ – се вели во тужбата.
Наводно, самиот Кобејн ја избрал токму оваа фотографија за омотот. Тужбата вели: „Кобејн ја избра сликата на која Спенсер, како сексуален работник, зграпчува долар кој е позициониран да виси од јадица пред неговото голо тело со неговиот пенис експлицитно изложен“.
Спенсер бара по 150.000 долари оштета од членовите на бендот Дејв Грол и Крист Новоселиќ, Кортни Лав како наследничка на имотот на Курт Кобејн, фотографот и неколку менаџери и компании кои го дистрибуирале албумот.
Во досегашните интервјуа по повод годишнините од издавањето на албумот, Спенсер имаше изразено најразлични чувства во однос на фотографијата и редовно потенцираше дека освен 200 долари кои му биле платени на неговиот татко, тој нема добиено друга компензација.
Во 2016 година, односно последниот пат кога ја пресоздаде истата поза во базен, тој за New York Post изјави: „Ми значи годишнината. Чудно е што го направив тоа за 5 минути кога имав 4 месеци и стана навистина иконска слика... Кул е, но и чудно да си дел од нешто толку важно на кое не се ни сеќаваш.“