Адел е обожавана од милиони луѓе не само заради музиката, туку и заради искреноста. Во најновото интервју за „Vanity Fair“, британската музичка сензација сподели дека по раѓањето на синот Анџело, се соочила со постпородилна депресија.

Кога никнало прашањето за второ дете, Адел рекла: „Премногу ми е страв. Имав тешка постпородилна депресија по раѓањето на мојот син и тоа ме исплаши.“
„Еден ден ѝ реков на пријателка: Го мразам ова. И таа прсна во солзи и рече: И јас го мразам ова. И толку беше. Се подигна. Моето познавање за поспородилната депресија, или постнатална како што ја нарекуваме во Англија, е да не сакаш да бидеш со своето дете, да си загрижен дека ќе го повредиш, да си загрижен дека не се справуваш добро. Но, јас бев опседната со моето дете. Се чувствував неспособна, се чувствував како да ја донесов најлошата одлука во животот... Може да се појави во различни форми.“
„На крајот на краиштата, едноставно реков дека едно попладне неделно ќе го посветувам на она што јас сакам да го правам, без моето бебе. Една пријателка ми рече: Навистина? Не се чувствуваш лошо заради тоа? Јас реков: Да, се чувствувам, но не толку лошо како што ќе се чувствував ако не го направев тоа. Четири од моите пријателки се чувствуваа исто и им беше премногу срам да проговорат за тоа. Тие мислеа дека сите ќе ги сметаат за лоши мајки, а тоа не е точно. Ќе бидеш подобра мајка ако си дадеш себеси време.“
„Уживам додека сум на турнеја, но понекогаш чувствувам вина што сум на оваа голема турнеја. Иако син ми е со мене насекаде, во одредени ноќи не можам да го заспијам јас. Никогаш не чувствувам вина кога не работам“ – признава таа.

„Целиот мој живот се врти околу моето дете“ – додава Адел.




Адел и нејзиниот партнер Сајмон Конеки станаа родители на момче пред четири години.