Вербалната војна која започна како шега помеѓу Чарли Шин и креаторот на серијата „Two and a Half Men“, Чак Лори, заврши со стопирање на снимањето на серијата.
Веста за прекинот на продукцијата дојде откако Чарли Шин неколкупати јавно испрати понижувачки коментари кон Чак Лори.
„Со оглед на изјавите, однесувањето и состојбата на Чарли Шин, CBS и Warner Bros. Television решија да го прекинат снимањето на „Two and a Half Men“ до крајот на сезоната“ – стоело во соопштението на моќните медиуми.
Но, Чарли Шин не ја прими добро веста за прекинувањето на продукцијата. Тој преку отворено писмо испратено до сајтот TMZ упатил уште повеќе навреди до Лори.
„Елегантно го игнорирав во текот на 177 шоу-а... Еднаш избувнав и овој контаминиран мал црв не може да се соочи со мојата моќ и не може да ја поднесе вистината... Очигледно го победив овој црв со моите зборови“ – пишувало во писмото. Исто така, Шин ги повика своите обожаватели да го поддржат за заедно да ја исправат направената грешка.
Последниве неколку месеци Чарли Шин повеќе пати беше во центарот на скандали поврзани со проститутки, порно ѕвезди и дрога. Очигледно најновите бизарни интервјуа на 45-годишниот актер беа последната капка која ја прелеа чашата.