Најпопуларните ѕвезди од филмската и телевизиската индустрија синоќа блескаа на 73. издание на „Златен глобус“. Свечената манифестација се одржа во хотелот Беверли Хилтон во Беверли Хилс.
Филмот „The Revenant“ беше големиот победник на вечерта. Драмата режирана од Алехандро Гонзалес Ињариту беше прогласена за Најдобра драма, а Ињариту за Најдобар режисер. За улогата во „The Revenant“, Леонардо Дикаприо ја доби наградата за Најдобар актер во драма.


Недалеку од „The Revenant“ беше „The Martian“, кој го освои златниот глобус за Најдобар мјузикл/комедија, а на Мет Дејмон му ја донесе титулата Најдобар актер во мјузикл/комедија.

За улогата во филмот „Room“, Бри Ларсон беше почестена со наградата Најдобра актерка во драма, додека Џенифер Лоренс се закити со уште еден златен глобус, но овој пат за Најдобра актерка во мјузикл/комедија за филмот „Joy“.


Талентираната Кејт Винслет со задоволство ја прифати наградата за Најдобра актерка во споредна улога во биографскиот филм за Стив Џобс, додека од машкиот пол истата чест му беше укажана на Силвестер Сталоне, кој стана Најдобар актер во споредна улога за „Creed“.


За Најдобар анимиран филм беше прогласен дизниевиот „Inside Out“.

„Writing’s On The Wall“ од филмот за Џејмс Бонд „Spectre“ ја доби наградата за Најдобра оригинална песна.
Незаменливиот Дензел Вашингтон ја прими престижната награда Сесил Б. ДеМил.
Целосната листа на победници можете да ја најдете тука.