Врвни холивудски ѕвезди се собраа во хотелот „Беверли Хилтон“ во Беверли Хилс, Калифорнија, за да ја проследат манифестацијата по повод доделувањето на престижните награди „Златен глобус“. Џими Фелон го водеше настанот на кој беа наградени најдобрите во филмската индустрија за годината која измина.
„La La Land“ стана големиот победник на вечерта, освојувајќи ги наградите во сите СЕДУМ категории во коишто беше номиниран. Успешниот мјузикл го сруши рекордот за филм кој има освоено најмногу златни глобуси, носејќи му ја на Рајан Гослинг наградата за Најдобар актер во мјузикл/комедија, на Ема Стоун за Најдобра актерка во мјузикл/комедија, а на Демиен Шазел за Најдобар режисер. Филмот беше прогласен и за Најдобар мјузикл/комедија, а песната „City of Stars“ за Најдобра оригинална песна.
Кејси Афлек ја присвои наградата за Најдобар актер во драма за улогата во филмот „Manchester by the Sea“, додека за Најдобра актерка во драма беше прогласена Изабел Хуперт за улогата во филмот „Elle“.
За Најдобра драма беше избран филмот „Moonlight“, „Zootopia“ стана Најдобар анимиран филм, додека наградата за Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје му беше доделена на францускиот филм „Elle“.
Златниот глобус за Најдобар актер во споредна улога му припадна на Арон Тејлор-Џонсон за „Nocturnal Animals“, додека Најдобра актерка во споредна улога стана Виола Дејвис за „Fences“.
Престижната награда Сесил Б. ДеМил заврши во рацете на Мерил Стрип, која досега има освоено осум златни глобуси, а била номинирана 30 пати.
Целосната листа на победници можете да ја најдете тука.