Германската канцеларка Ангела Меркел е прогласена за најмоќна жена на светот. Исто како и минатата година, списанието Forbes ја постави влијателната Меркел на врвот на листата „100 најмоќни жени на светот“.
На второто место е државниот секретар на САД, Хилари Клинтон, а зад неа е претседателката на Бразил, Дилма Русеф.
Мелинда Гејтс, која е соосновач на Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, е на четвртото место, додека главната уредничка на New York Times, Џил Абрамсон, е на петто место. Моќната индиска политичарка Соња Ганди е на шестото место, а првата дама на САД, Мишел Обама, на седмото место.
Опра Винфри е највисоко на листата од славните лица од светот на шоу-бизнисот. Нејзе ѝ припадна единаесеттото место, а само три места зад неа е Лејди Гага.
На листата се најдоа и Бијонсе (32), Џенифер Лопез (38), Шакира (40), Ана Винтур (51), Анџелина Џоли (66), Софија Вергара (75) и Жизел Бундхен (83).
Рангирањето на најмоќните жени било извршено според влијанието кое го имаат, сумата пари кои ја заработиле или ја контролираат и присуството во медиумите. Најмоќните жени биле избрани од седум категории и тоа: милијардерки, бизнис, лајфстајл (шоу-бизнис и мода), медиуми, непрофитни и невладини организации, политика и технологија.