Седма година по ред, во организација на Ерсте Банка и Шпаркасе Банка Македонија, во х. „Александар палас“ се одржа конференцијата „Erste Investors' Breakfast“. Како и претходните години, на конференцијата присуствуваа аналитичари и експерти од Ерсте и Шпаркасе Групацијата, како и од македонскиот финансиски сектор, со свои анализи и предвидувања за актуелните трендови во финансискиот свет, за движењата на меѓународните финансиски пазари, за регионалните финансиски пазари, со посебен осврт на макроекономските и финансиските движења во Република Северна Македонија.
На конференцијата присуствуваше и министерката за финансии д-р Нина Ангеловска, која во своето поздравно излагање се осврна на развојот на финансиските пазари во Република Северна Македонија, со посебен акцент на пазарот на државни обврзници. Таа ја истакна фискалната и финансиската стабилност, како и солидните приноси во Република Северна Македонија како значаен фактор за странските инвеститори. Претседателот на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија, д-р Глигор Бишев, ги поздрави учесниците на собирот и ги изнесе плановите на Шпаркасе и Ерсте Групацијата за динамизирање на пазарите на капитал во Република Северна Македонија и во регионот.
Првата стручна презентација на настанот ја одржа гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, со осврт на улогата на монетарната политика во процесот на реална конвергенција на економиите од Централна, Источна и Југоисточна Европа, вклучително и на нашата економија. Потем, за актуелните состојби на пазарот на обврзници во Југоисточна Европа говореа г. Филип Јукиќ, директор на Дирекцијата за управување со пазари на хартии од вредност во Ерсте и Штаермеркише Банка д.д. Хрватска, и г. Иван Илековиќ, експерт од Рефинитив. За движењата на пазарите во Централна и во Источна Европа и одржливоста на ниските приноси на пазарите на капитал, говореше г. Мате Јелиќ, сениор макроаналитичар во Ерсте и Штаермеркише Банка д.д. Хрватска. Во останатиот дел од конференцијата, свои обраќања имаа експертите и аналитичарите од Ерсте Групацијата, како и реномиран претставник од Министерството за финансии на Република Северна Македонија, г. Дејан Николовски.
„Седма година по ред, како домаќини на Erste Investors’ Breakfast во Република Северна Македонија, им овозможивме на колегите од областа на финансиските пазари да разменат видувања за актуелните случувања за движењето на меѓународните финансиски пазари, движењето на финансиските пазари во регионот и во Република Северна Македонија, како и нивното влијание врз економската активност. Нагласокот беше врз движењата на пазарот на должнички финансиски инструменти – обврзници. Годинава, кога Ерсте Групацијата слави два века од своето постоење, ни претставува огромна чест и задоволство да бидеме домаќини на овој значаен настан во Република Северна Македонија и заедно со стручните аналитичари од Ерсте Групацијата да ги искажеме нашите видувања и предвидувања за глобалните и локалните финансиски движења што веруваме ќе им бидат од голема корист на инвеститорите и на емитентите на хартии од вредност“ – изјави д-р Глигор Бишев, Претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија.
Во својата презентација, гувернерката д-р Ангеловска-Бежоска, меѓу другото, истакна дека во периодот по глобалната финансиска криза, централните банки во сите земји од регионот, вклучително и нашата, преку својата експанзивна политика дадоа значаен придонес за забрзување на растот и конвергенцијата на економиите. Како што истакна таа, намалувањето на основните каматни стапки и обезбедувањето дополнителна ликвидност, придонесоа за олеснување на условите за кредитирање, а со тоа и за овозможување полесен пристап до финансирање.
„Сепак, просторот за директна поддршка на економскиот раст преку монетарната политика во регионот е стеснет, во услови на веќе ниски каматни стапки и стеснет распон на каматните стапки во однос на каматата на ЕЦБ, но и во услови на зголемена глобална неизвесност“ – нагласи д-р Ангеловска-Бежоска. Таа укажа дека за остварување на потребното забрзување на реалната конвергенција, во натамошниот период е неопходно фокусот да се стави на структурни и институционални реформи што ќе овозможат побрз и одржлив раст на економиите од регионот.
Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје е дел од Ерсте и Шпаркасе Групацијата, која се состои од 49 штедни банки со речиси 2 века постоење на финансискиот пазар во Република Австрија. Воедно, таа е една од најсилните банкарски групации во Европа, која со својата долгорочна стратегиска ориентација кон регионот на Западен Балкан придонесува и Шпаркасе Банка Македонија да претставува доверлив партнер за своите клиенти. Заедно со банките ќерки во Австрија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија и во Црна Гора, таа е дел од сеопфатните банкарски мрежи во регионот – Штаермеркише Шпаркасе, која со својата билансна сума од 15 милијарди евра, 2.751 вработен и 233 експозитури и регионални центри опслужува околу 702.414 клиенти во земјите од регионот на Југоисточна Европа.
Комерцијален текст