Тијана Тодевска-Дапчевиќ ќе ја претставува Македонија на Евровизија 2014. 37-годишната пејачка која живее и работи во Србија, ќе се обиде да ја освои европската публика.
Изборот и одлуката на МРТ се донесе врз основа на гласовните, музичките и естрадните квалитети со кои Тијана ја изгради својата кариера не само во Македонија туку и на Балканот. Таа важи за редок вокален интерпретатор со вонредни музички квалитети и вонсериски естраден уметник.
„МРТ не се сомнева дека со изборот на Тијана за македонски претставник на Евросонг 2014, ќе се добие комплетен и ефектен „евровизиски музички пакет” – спој на атрактивност, автентичност и талент во контекст на достојното представување на Македонија пред европската и светска културна јавност“, изјави Мери Попова, уредник на културна редакција во МРТ.
Тијана зад себе има богата музичка биографија како интерпретатор и инструменталист, позната и призната не само во Македонија туку и на Балканската музичка сцена. Нејзината соработка со врвни авторски имиња од балканското музичко миље, истенченото чувство за сценски перформанс, маркантниот и оригинален артизам ѝ овозможија низа на хит рефрени кои се слушани и препознатливи не само кај македонската, туку и кај балканската публика и пошироко.
Данска по трет пат ќе биде домаќин на музичкиот натпревар благодарение на победата на Емели де Форест со песната „Only Teardrops“ во мај годинава.
Двете полуфиналиња ќе се одржат на 6 и 8 мај, додека големото финале е закажано за 10 мај 2014 година.