Светот се збогува со Џо Кокер, пејачот со препознатлив, продорен глас и специфично држење на сцената, музичарот кој танцуваше меѓу неколку музички жанрови и освојуваше со незаборавни препеви на популарни песни, особено на хитови од Битлси.
Кокер вчера ја изгуби битката со рак на белите дробови. Имаше 70 години.

Повеќедецениската кариера на Кокер започна со преработка на „With a Little Help from My Friends“ од Битлси, а продолжи да се движи по нагорна линија со „You Are So Beautiful“. Дуетот „Up Where We Belong“ со Џенифер Ворнс за филмот „An Officer and a Gentleman“, на Џо му донесе Греми награда.
Бери Маршал, агентот на Кокер, го опиша големиот музичар со зборовите „едноставно уникатен“ и дополни дека ќе биде невозможно да се пополни празнината која тој ја остава во срцата. „Неверојатно талентиран, вистинска ѕвезда, но и мил и скромен човек кој обожаваше да настапува. Секој што го видел како настапува во живо, никогаш нема да го заборави“ – рекол Маршал.
Преслушајте неколку од хитовите по кои ќе остане запаметен Кокер.