Големата ноќ на британската модна индустрија привлече креатори, џетсетери, модели, стилисти, новинари, модни уредници, актери, музичари и фотографи во Лондон. Синоќа беа доделени Британските модни награди на најуспешните за годината што изминува.
Викторија Бекам ја доби наградата Најдобар бренд, Кара Делавин беше прогласена за Најдобар модел, Николас Гескиер од Луј Витон се закити со титулата Најдобар меѓународен дизајнер, Ема Вотсон ја прими наградата Најдобар стил, а за Александар МекКвин беше резервирана наградата Најдобар дизајнер на црвениот тепих.
Контроверзниот Џон Галијано ѝ ја врачи на Ана Винтур наградата за огромни постигнувања. За време на својот говор, главната уредничка на Вог не успеа да ги сокрие солзите и не заборави да им се заблагодари на своите деца кои ги нарече свои најголеми постигнувања во животот.
Иако се работи за свеченост која го става на пиедестал најдоброто од модата, на црвениот тепих немаше особено впечатливи стилски погодоци.
Викторија Бекам позираше во плисирано долго здолниште и плетена блуза од сопствена колекција, Рита Ора парадираше заедно со Том Форд кој го креираше нејзиниот фустан, Ријана носеше само сако од Стела Мекартни, а Кара Делавин и Суки Вотерхаус беа облечени во креации од Барбери.
Ана Винтур за свеченоста избра креација на Галијано, нејзината ќерка Би Шафер носеше фустан од Александар МекКвин, додека Ема Вотсон се појави во бел комбинезон од Миша Нону и волуменозно сако.
Џулиен Мекдоналд беше задолжен за изгледот на Никол Шерцингер, Оливија Палермо избра жолто здолниште од Емилија Викстед, а Наоми Кембел украде дел од елеганцијата на Александар МекКвин.
Погледнете што носеа ѕвездите и оценете го нивниот стил: