Викендов, се одржа ревија со креации создадени според цртежите на едно од убиените девојчиња во ОУ „Владислав Рибникар“.
Во рамките на Модната недела во Белград беа прикажани фустаните креирани според цртежите на покојната Ангелина Аќимовиќ, која настрада при масакрот од страна на 13-годишниот Коста. Присутните го гледаа модното шоу со силни емоции и солзи во очите.
Ангелина беше талентирано девојче кое имаше направено бројни цртежи од фустани и сонуваше еден ден да стане модна дизајнерка. Во нејзина чест, семејството ја создаде „Фондацијата Ангелина“.
Во создавањето на креациите учествуваа 25 талентирани српски дизајнери и модни брендови. Ревијата ја отворија двете сестри на Ангелина, Марија и Јелена, а фустани носеа и девет нејзини другарки. Тие ќе ги добијат фустаните како подарок.
„Сонуваше за своја модна колекција и ревија и ѝ го исполнивме нејзиниот сон. На најголемиот моден настан во Србија, Модната недела, се одржа ревијата „Фустаните на Ангелина“, според скиците на нашата драга Ангелина. Покрај манекенките, на пистата во фустаните прошетаа и другарките на Ангелина, кои наскоро ќе бидат матурантки, како и нејзините сестри Марија и Јелена кои ја отворија ревијата“ – стои на Instagram профилот на „Фондацијата Ангелина“.
Пред да започне ревијата, говор одржа Горица Роксандриќ, професорката по моден дизајн на Ангелина.
„Ангелина беше едно весело, насмеано дете кое полно со среќа доаѓаше на секој час по дизајн. За нејзиниот талент не сакам многу да зборувам, за тоа говорат овие модели кои ги нацртала кога имала само 10 години. Им се заблагодарувам на сите дизајнери кои проникнаа во сржта на нејзината инспирација и во нејзините идеи, кои вечерва ги оживеавме“ – рече таа.
Меѓу присутните на модниот настан беше и првата дама на Србија, Тамара Вучиќ. Таа сподели фотографии и напиша:
„Колку само беше таа талентирана! Ангелина Аќимовиќ! Посебно емотивна вечер во која никој од нас не можеше да си ги скрие солзите. Семејството Аќимовиќ одлучи да го негува сеќавањето на својата ќерка Ангелина и сите жртви на трагичниот настан преку благородна мисија во која ќе им пружи поддршка на младите таленти“.
Ангелина почина на 14-годишна возраст, како една од жртвите во масакрот кој се случи на 3 мај 2023 година.
Фотографии: Instagram/ Fondacija Angelina, Tamara Vučić