Ријана до породувањето не се откажува од идејата да се спротивставува на стандардната трудничка облека и повторно изненади со провокативен стајлинг.
Музичката ѕвезда беше фотографирана додека се упатуваше на вечера со саканиот Ејсап Роки на Денот на мајката, кој во САД се празнуваше вчера.
34-годишната пејачка пристигна во ресторанот „Џорџо Балди“ во Санта Моника во блескав мрежест комплет со потпис на Miu Miu со што ја покажа трудничката фигура. Од модни додатоци, Ријана избра впечатлив чокер, крзнена наметка и сандали на високи потпетици од Кристијан Лобутин.
Неодамна Ријана го коментираше својот избор да не носи трудничка облека. „Кога дознав дека сум бремена, си помислив: ‘Нема шанса да купувам во одделот за трудници’. Жалам, но дотерувањето е презабавно. Нема да дозволам тој дел да исчезне само затоа што моето тело се менува... Се надевам дека ќе успееме да го редефинираме она што се смета за ‘пристојно’ за бремени жени“ – изјави таа за „Вог“.
Ријана е во последниот месец од бременоста. Ова ќе биде нејзино прво дете со Ејсап Роки со кого е во врска од 2020 година.