Модниот свет е обвиен во тага по веста дека почина Вирџил Абло. 41-годишниот визионер, кој беше креативен директор за машката колекција на Луј Витон и основач на Off-White, ја изгуби битката со рак.
Абло две години храбро се борел во тајност со срцев ангиосарком, редок и агресивен рак.
Во официјалното соопштение се вели:
„Тој избра да ја води битката приватно откако ја доби дијагнозата во 2019 година и помина низ бројни тешки третмани додека стоеше на чело на неколку значајни институции од областа на модата, уметноста и културата.“
„Низ сето тоа, неговата работна етика, бескрајната љубопитност и оптимизмот останаа непроменети. Вирџил беше воден од неговата посветеност на занаетот и на неговата мисија да отвора врати за други и да создава патеки за поголема еднаквост во уметноста и дизајнот. Тој често велеше ‘Сè што правам е за 17-годишната верзија од мене’, длабоко верувајќи во моќта на уметноста да инспирира идни генерации.“
Абло беше во брак со Шенон и е татко на две деца.

Неговиот талент беше препознаен и ценет од голем број славни личности, кои не само што беа негови клиенти, туку и негови пријатели.
Бернар Арно, основачот на компанијата која стои зад Луј Витон, напиша: „Вирџил не беше само генијален дизајнер и визионер, туку беше и човек со прекрасна душа и огромна мудрост.“
Фарел Вилијамс се огласи преку порака: „Срцето ми е скршено. Вирџил, ти беше добар, дарежлив, посветен креативен гениј.“




